Според сателитските слики, прегледани од Би-би-си Верифај, цели населби контролирани од Израелските одбранбени сили (ИДФ) се срамнети со земја за помалку од еден месец, и тоа преку уривање. Се смета дека вистинскиот број на уништени згради може да биде значително поголем, бидејќи не се достапни сателитските снимки за некои области
Израел уништи повеќе од 1 500 згради во областите на Газа што останаа под негова контрола откако започна прекинот на огнот со Хамас на 10 октомври, пренесува Би-би-си.

Според сателитските слики, прегледани од Би-би-си Верифај, цели населби контролирани од Израелските одбранбени сили (ИДФ) се срамнети со земја за помалку од еден месец, и тоа преку уривање. Се смета дека вистинскиот број на уништени згради може да биде значително поголем бидејќи не се достапни сателитските снимки за некои области.
Одредени експерти сметаат дека уривањето на зградите може да ги прекрши условите за прекинот на огнот, што е постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави (САД), Египет, Катар и Турција.
Како што е пропишано во мировниот план, во основата за прекинот на огнот се наведува дека сите воени операции, вклучително и воздушното и артилериското бомбардирање, ќе бидат суспендирани.
Инаку, сателитските снимки покажуваат дека многу згради пред прекинот на огнот не биле оштетени, а потоа се целосно уништени.
Анализата на сателитските снимки, како што пренесува Би-би-си, покажува дека уништувањето на зградите во Газа од страна на израелската војска продолжува во огромни размери. Разгледани се уништените згради зад Жолтата линија – граница што се протега по должината на север, југ и исток од Газа. Според договорот за прекин на огнот од октомври, Израел се согласи да ги повлече своите сили на таа ознака, обележана со жолта линија на мапите објавени од израелската војска.
Споредбата помеѓу сателитските снимки од источен Кан Јунис, околу Абасан ал-Кабира, направени на почетокот на војната во октомври 2023 година и тие од околу датумот на прекинот на огнот покажува мала промена кај голем дел од објектите. Но, снимките од 10 ноември покажуваат нивно целосно уништување.

И во друга област, во близина на ал-Бајук, источно од градот Рафа, сателитските снимки ја раскажуваат истата приказна. Бројни згради кои одозгора изгледаа како да не се оштетени пред прекинот на огнот, сега се уништени. Уривања на објекти има и во самиот град Газа, во источната населба Шеџаја, како и во близина на индонезиската болница кај кампот Џабалија.
Во Газа владее кревко примирје што стапи во сила на 10 октомври, како дел од поширокиот мировен план на американскиот претседател Доналд Трамп.
