За Законот за употреба на јазиците, најави дека до крајот на месецот ќе побара мислење од судијата известител, а најдоцна до февруари предметот ќе биде изнесен на седница
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма го коментираше последниот извештај за напредокот на земјата, што Европската комисија го објави минатата недела, изразувајќи загриженост за долгогодишната статус кво состојба во правниот систем.

„Последниот извештај ниту утврдува процес во одредни области, особено во судството, борбата со корупцијата, криминалот. Но, не утврдува ниту назадување. Ние сме во една статус кво состојба подолго време, а таа воопшто не е добра. Граѓаните имаат комплетна недоверба во целиот државен апарат“,
вели тој.
Во однос на двата закони за кои Европската комисија има забелешки, конкретно за балансерот, Костадиновски информира дека е подготвен нов Закон за правична застапеност кој е во фаза на оценување од Венецијанската комисија.
„Се надевам дека тој закон ќе се усогласи со нашите правни стојалишта за укинување на балансерот. Односно, да направи еден баланс помеѓу правичната и соодветната застапеност и она што значи мерит, стручност и компетентност“,
рече претседателот на Уставниот суд.
Според него, Уставниот суд донесе одлука со која изрази сериозен сомнеж во уставноста на измените и дополнувањата на Изборниот законик.
Во врска со измените на Кривичниот законик, кои се, исто така, забелешка на ЕК, рече дека нанеле непоправлива штета на правниот поредок и најави дека доколку Собранието до последната седница на судот во декември не ги направи неопходните измени, Уставниот суд ќе го стави предметот на дневен ред и ќе одлучи.
Уставниот суд, како што рече, му даде рок од шест месеци на Собранието за преиспитување на соодветните одредби, во спротивно судот предупреди дека ќе донесе конечна одлука дали да ги укине, односно сите пресуди врз основа на тие одредби ќе престанат да важат, а соодветните предмети треба повторно да се покренат или да се поништат. Од денот на поништување ќе се применува претходниот законик.
„Рокот од шест месеци истече во август. Имавме разбирање за изборниот процес. Но, изборите завршија. Собранието е должно, ако го почитува Уставот, да ги почитува и нашите одлуки, Но, до овој момент го нема сторено тоа“,
вели Костадиновски.
За Законот за употреба на јазиците, Костадиновски најави дека до крајот на месецот ќе побара мислење од судијата известител, а најдоцна до февруари предметот ќе биде изнесен на седница.
Во обезбедување на независноста и самостојноста на судството, како што додаде, не се важен елемент само платите на судиите, туку вкупниот амбиент во државата.
Според него, извршната власт 20 години во континуитет покажува надмоќ, не само врз судската власт, туку и врз законодавната власт.
