Лимани вели дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе ја води општината Гостивар до повторувањето на изборите, кои пропаднаа поради слабата излезеност

Вршителот на должност градоначалник на општина Гостивар и кандидат со најмногу освоени гласови во првиот круг на последните локални избори, Ваљбон Лимани, смета дека најавите за негова смена преку назначување владин повереник се незаконски.
Во одговор на новинарско прашање, Лимани порача дека Уставниот суд треба да го реши прашањето кој ќе ја води општината Гостивар до повторувањето на изборите, кои пропаднаа поради слабата излезеност.
Лимани своето тврдење го темели на Законот за локална самоуправа.
„Јас сум избран како в.д. градоначалник минатата година, во јули, согласно Законот за локална самоуправа, член 54 и потоа член 4 кој беше сменет во меѓувреме и кој вели дека имам мандат до избор на нов градоначалник“,
вели Лимани.
Тој додаде дека цврсто верува во правната држава и најави дека по правен пат ќе се спротивстави на намерата на Владата да постави повереник во општината.
Лимани најави дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за да се утврди уставноста на оваа намера.
„Ќе поднесеме иницијатива до Уставен суд, дали е тоа уставно или не. Јас мислам дека на крајот на денот, граѓаните го кажаа своето на изборите на 19 октомври“,
рече тој.
Според Лимани, по закон, најдоцна за шеесетина дена треба да има повторени избори, при што граѓаните повторно ќе го имаат последниот збор.
Инаку, во првиот круг од локалните избори освен во Гостивар ниска излезеност имаше и во уште три општини – Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
Владата очекува во текот на оваа недела Државната изборна комисија (ДИК) официјално да ги заврши изборите и да ја информира Владата.
Потоа, Владата има рок од 15 дена да постапува по тоа. ДИК, пак, потоа треба да го информира Собранието за во рок од 60 дена да распише нови избори во општините каде што беа неуспешни. Тогаш веќе нема услов цензус на излезеност.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела најави дека кога ќе го добијат известувањето од ДИК, ќе седнат со коалициските партнери, со цел да се предложат имињата на тие што ќе бидат повереници во општините во кои не успеаја изборите.
Државната изборна комисија (ДИК), објавувајќи ги првичните официјални резултати од локалните избори одржани на 19 октомври, соопшти дека во четири општини каде што не се исполнети законските услови за излезеност од законскиот минимум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина ќе се повтори целиот прв изборен круг и тоа во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.
Во Гостивар одзивот беше 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.
Според изборниот законик, за изборите да бидат успешни, треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто.
