Новото издание на емисијата „360 степени“, во кое гостува судијката на Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска, се емитува вечерва (10 ноември 2025 г.) од 20:15 часот на МРТ 1
Годишниот извештај на Европската комисија (ЕК) за земјава објавен минатата недела само го потврди она што е општо познато, а тоа е дека државава има проблеми во областите на правосудството и борбата против корупцијата, но можеби првпат подиректно и поконкретно од тоа што е вообичаено, ги лоцира и причините за тоа што нема напредок во оваа сфера. „Целокупната независност и финансиската автономија на судството се поткопани од мешањето и притисокот од другите државни власти, вклучувајќи ги и обидите на парламентот да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, како и од ограничените доделени финансиски ресурси“, пишува, меѓу другото, во документот од ЕК. Дали оваа констатација го поместува тежиштето во домашната дебата во која досега доминираше ставот дека главната вина е во судството и јавното обвинителство? Токму извештајот од Брисел е поводот во новото издание на „360 степени“ на МРТ 1 да ја поканиме Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд. Со неа разговараме и за одговорноста кај судиите и обвинителите за нискиот квалитет на испорачана правда, за подготовката на закони кои треба да придонесат за подобрување на состојбите (а се дел и од Реформската агенда за ЕУ), за процедурата за избор на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а го отвораме и прашањето за т.н. еколошка правда.
Емисијата се емитува од 20:15 часот на МРТ 1.
