Во врска со резултатите од локалните избори, Алиу истакна дека „тоа што изгуби ДУИ не е национална трагедија“. Според него, сега е време да се реализира сè што е ветено, за што одговорноста е на албанската партија која е дел од Владата

Демократската партија на Албанците (ДПА) доколку добие покана за влез во Владата нема да ја одбие, рече членот на централното претседателство на партијата, Имер Алиу на денешното Централно собрание.
Алиу, во изјава за медиумите потврди дека партијата сè уште нема добиено официјална покана за влез во Владата.
„Не, немаме добиено, но всушност нема да ја одбиеме поканата. Ќе имаме дијалог или дебата, поточно, со сите од сега па натаму, вклучително и со Владата“,
рече Алиу.
Тој посочи дека иако агендата на ДПА и агендата на партиите на власт се чини дека се различни, но дека сепак ќе дебатираат со сите.
Во врска со резултатите од локалните избори, Алиу истакна дека „тоа што изгуби ДУИ не е национална трагедија“. Според него, сега е време да се реализира сè што е ветено, за што одговорноста е на албанската партија која е дел од Владата.
„Многу ветувања се дадени, сега е време тие да се реализираат. Секако ќе ја повикаме на одговорност албанската партија на власт, бидејќи тие ветија и секако од сега па натаму немаат изговор да не ги исполнат ветувањата“,
рече Алиу.
ДПА најави дека ќе продолжи да ги повикува на одговорност сите кои добија позиции во локалната и централната власт.
Алиу рече дека, меѓу другото, Собранието на партијата денес формирало Координативно тело кое ќе ги координира понатамошните активности на партијата.
Инаку, Демократската партија на Албанците до пред локалните избори беше во коалиција со „Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Лидерот на ДПА, Мендух Тачи тогаш рече дека на ланските парламентарни избори ДУИ ја поразила коалицијата ВЛЕН во секоја смисла и оти нема сомнеж дека ДУИ е политичка сила во земјата.
„ДУИ има бројки, има пратеници. ДУИ го победи ВЛЕН по бројност, по пратеници, по сè. Никој не може да ме убеди дека ВЛЕН е појак од ДУИ. ДУИ може дури и да наметне некакво дејство за уставните амандмани затоа што мислам дека имаат капацитет и можат да изберат форма“,
рече тогаш лидерот на ДПА.
