Родителите поставија услов до Обвинителството – ако во рок од една недела не добијат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, тие се подготвени да преземат посилни јавни организирани акции

Родителите на жртвите во пожарот во т.н. дискотека „Пулс“ во Кочани денеска го одржаа 29. „Марш на ангелите“, барајќи правдата и вистината за овој случај да излезат на виделина.
Семејствата, со болка и револт, поминаа по кочанските улици држејќи транспаренти и фотографии од своите најблиски кои трагично ги загубија животите, а пред зградата на Обвинителството се обратија пред јавноста и медиумите.
Со маршот тие бараат правда и одговорност за трагедијата, потсетувајќи дека, и по повеќе месеци од несреќата, сè уште нема конкретни одговори, ниту завршена истрага.
Мајка на починато дете, пред Судот во Кочани, во името на сите родители му се обрати на Јавното обвнителство велејќи дека се тука не затоа што сакаат, туку затоа што мораат.
„Нашите деца повеќе немаат глас, а ние сме тие што мора да зборуваме наместо нив. Пред точно три недели до вашата институција доставивме доказен материјал, фотографии и видеа, кои јасно покажуваат како осомничениот, поранешниот градоначалник Ратко Димитровски и оштететното лице седат заедно, со што е прекршена мерката на претпазливост. И покрај тоа, три недели подоцна, сè уште немаме никаков одговор, ниту реакција, ниту преземена мерка, ниту барем знак дека некој воопшто се грижи за вистината и за правдата на нашите деца“,
рече таа.
Исто така, кажа и дека денеска поднеле нов доказ – фотографија и информација за нова средба, овојпат помеѓу осомничениот градежен инспектор Николчо Гоцев и оштетеното лице.
„Овој настан сериозно нè загрижува бидејќи има прекршување на мерките и постои опасност да се влијае врз сведоците и оштетените, да се создаде притисок и страв и да се загрози целата постапка и нејзината правичност. Довербата што ја имавме во правниот систем е длабоко разнишана. Сè повеќе се сомневаме дека некој наместо да ги гони сторителите се обидува да ги заштити“,
кажа мајката.

Родителите поставија услов до Обвинителството – ако во рок од една недела не добијат јасен и конкретен одговор за преземените мерки по доставените докази, тие се подготвени да преземат посилни јавни организирани акции. Тоа, како што рече мајката, значи интензивирање на мирните активности, организирани маршеви, јавни собири на кои ќе ја побараат правдата што им следува.
„Никогаш не сме барале насилство, напротив, инсистираме на мирни начини на нашето незадоволство. Не дозволувајте нечија незаинтересираност или молк да ја доведе ситуацијата до точка каде мирните маршеви ќе прераснат во масовни протести и блокади од кои ќе биде тешко да се врати довербата во институциите“,
додаде таа.
Упати и апел до Обвинителство да реагираат и да постапат по доказите што им ги доставиле.
„Не дозволувајте болката и гневот да станат уште поголеми. Ако институциите продолжат да молчат, луѓето ќе ја изгубат вербата во системот. А кога ќе исчезне вербата во правдата, постои реална опасност луѓето самите да бараат излез што никој не го посакува“,
нагласи мајката.
Судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани ќе почне на 19 ноември. Информацијата дека е закажано судењето, Кривичен ја соопшти на денот кога се одбележуваа седум месеци од трагедијата што однесе 63 млади животи и во која беа повредени повеќе од 200 лица.
Судењето ќе се одвива во судницата во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“, а првото рочиште на 19 ноември ќе почне во 9:30 часот.
Почетокот на судењето е закажано откако надлежниот совет при Основниот кривичен суд Скопје на почетокот на октомври во целост го одобри обвинителниот акт што првично го поднесе Основното јавно обвинителство Кочани, а кој потоа со решение на државниот јавниот обвинител, Љупчо Коцевски, беше доделен во надлежност на скопското Основно јавно обвинителство.
Согласно Автоматизираниот систем за распределба на судските предмети – АКМИС, како што претходно информираа од Кривичен, предметот е распределен кај судијката Диана Груевска-Илиевска.
