Израел веднаш реагира на одлуката на Турција, нарекувајќи ја „пиар трик“, а претседателот на земјата Реџеп Таип Ердоган „тиранин“
Турција издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјаним Нетанјаху и повеќемина функционери на Израел обвинувајќи ги за геноцид и злосторства против човештвото во Газа, пренесоа светските медиуми.

Меѓу 37-те осомничени лица се имињата на израелскиот министер за одбрана Израел Кац, министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и началникот на армијата, генерал-потполковник Ејал Замир, се вели во соопштението од канцеларијата на обвинителството во Истанбул, кое не го објави целосниот список.
Турција ги обвини функционерите за „геноцид и злосторства против човештвото“ што Израел „систематски ги извршил“ во Газа.
Во соопштението се споменува и „“Турско-палестинската болница на пријателство“, изградена од Турција во Појасот Газа, што израелските сили ја бомбардираа во март оваа година, пренесува „Гардијан“.
Израел веднаш реагираше на одлуката на Турција, нарекувајќи ја „пиар трик“.
„Израел цврсто и со презир го отфрла најновиот пиар трик на тиранинот (претседателот Реџеп Таип) Ердоган“,
напиша министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саар на платформата Икс.
Турција минатата година ѝ се придружи на Јужна Африка која го обвини Израел за геноицид пред Меѓународниот суд на правдата.
Во меѓувреме во Газа владее кревко примирје што стапи во сила на 10 октомври, како дел од поширокиот мировен план на американскиот претседател, Доналд Трамп.
