Најави дека во текот на следната недела, кога ќе го добијат известувањето од ДИК, ќе седнат со коалициските партнери со цел да се предложат имињата на тие што ќе бидат повереници во општините во кои не успеаја изборите
Владата ќе имeнува повереници во четирите општини каде што не се избрани градоначалници во првиот круг од локалните избори поради недоволен цензус. За конкретни имиња што ќе ги водат тие општини, како што соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски, сè уште не се водени разговори со коалициските партнери.

Очекува следната недела Државната изборна комисија (ДИК) официјално да ги заврши изборите и да ја информира Владата.
„Потоа, Владата има рок од 15 дена да постапува по тоа. ДИК пак потоа треба да го информира Собранието за во рок од 60 дена да распише нови избори во општините каде што беа неуспешни. Тогаш веќе нема услов цензус на излезеност“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при увудот на работите со проектот градски воз.
Најави дека во текот на следната недела, кога ќе го добијат известувањето од ДИК, ќе седнат со коалициските партнери, со цел да се предложат имињата на тие што ќе бидат повереници во општините во кои не успеаја изборите.
Нови избори поради недоволен цензус ќе има во Гостивар, во Маврово и Ростуше, Врапчиште и во Центар Жупа.
Државната изборна комисија (ДИК), објавувајќи ги првичните официјални резултати од локалните избори одржани на 19 октомври, соопшти дека во четири општини каде што не се исполнети законските услови за излезеност од законскиот минимум од една третина од запишаните избирачи на ниво на општина ќе се повтори целиот прв изборен круг и тоа во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.
Во Гостивар одзивот беше 33,31 отсто, во Врапчиште – 25,18 отсто, во Маврово и Ростуше – 30,31 отсто и во Центар Жупа – 21,49 отсто.
Според изборниот законик, за изборите да бидат успешни, треба да излезат најмалку една третина од гласачите или 33,33 отсто.
