„Ова е срамен однос и потценување на сопствените граѓани. Со месеци Скопје се давеше во ѓубре, скопјани секојдневно живееја во нечистотија од која изникнаа глодачи, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не преземаше ништо“, велат опозиционерите од СДСМ, коментирајќи ја 72-часовната акција на Ѓорѓиевски за чистење на главниот град
ДПМНЕ намерно го блокираше собирањето смет и не направи ништо, ниту преку ЗЕЛС ниту преку Управниот одбор на „Комунална хигиена“, само за Орце Ѓорѓиевски да прави пиар – реагираат од опозицискиот СДСМ во врска со синоќешната акција на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски за 72-часовно чистење на Скопје.

„Синоќа скопјани видоа зошто било оставено ѓубрето, зошто ништо не се преземало со месеци, само за Орце Ѓорѓиевски да прави пиар-трикови, циркус-спектакли со дронови и камери. Ова е срамен однос и потценување на сопствените граѓани. Со месеци Скопје се давеше во ѓубре, скопјани секојдневно живееја во нечистотија од која изникнаа глодачи, а власта на ВМРО-ДПМНЕ не преземаше ништо“,
велат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека Скопје и скопјани не заслужуваат ваков потценувачки однос туку, како што велат од опозициската партија, чист, модерен, организиран град и функционален систем, а не пиар-трикови.
Вчеравечер во 20:30 часот од пред платото на СЦ „Борис Трајковски“ почна големата акција што ја најави новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, „72 часа чисто Скопје“.
