Претседателот Доналд Трамп ја посети оваа база само еден ден пред инцидентот
Неколку лица се однесени во болница откако сомнителен пакет што содржи бел прашок е доставен во воената база „Ендрус“ во американската држава Мериленд, пренесува Си-ен-ен.

Во официјално соопштение од базата, која се наоѓа недалеку од Вашингтон, се наведува дека една зграда е евакуирана откако едно лице отворило сомнителен пакет. Како превентивна мерка, зградата и поврзаниот објект се евакуирани, а околу областа е воспоставен кордон.
Просторијата каде што е отворен пакетот, а се наоѓа во зградата на Центарот за подготвеност на Националната гарда на воздухопловните сили, останува затворена.
Итните служби од заедничката база „Ендрус“ се испратени на местото на настанот, а утврдено е дека нема непосредна закана. За понатамошна истрага, случајот е предаден на Канцеларијата за специјални истраги.
Оние што се чувствувале лошо по отворањето на пакетите се пренесени во Медицинскиот центар „Малколм Гроув“ во базата, а степенот на нивните здравствени проблеми сè уште не е познат.
Се врши анализа и на материјалот што бил во пакетот.
Базата „Ендрус“ е клучна воена база која редовно се користи за службени патувања од страна на високи американски функционери, вклучувајќи ги претседателот, потпретседателот и членовите на кабинетот.
Претседателот Доналд Трамп ја посети оваа база само еден ден пред инцидентот.
