За една институција да може да вработува, ќе мора да има план. Планот ќе се прави во согласност со методологија која ќе ја носи Агенцијата за административни службеници. Методологијата допрва (ќе) се изработува
Институциите во кои е исполнета правичната застапеност нема да можат да вработуваат по етнички клуч, се до моментот ако таа состојба не се промени. Дали и каде е исполнета правичната застапеност ќе оценува Координативно тело со кое ќе раководи еден вицепремиер, а членови ќе има и од повеќе други институции и од академската заедница
Разговаравме и со министерот за јавна администрација, Горан Минчев, како практично ќе се спроведе регулативата, но и како ќе се надминат злоупотребите од минатото
На иницијатива на претходниот состав на Антикорупциската комисија, во октомври минатата година Уставниот суд донесе одлука да го укине „балансерот“. Според образложението од Судот, алатката ја постигнала целта и веќе се губи смислата на нејзиното постоење, затоа што се судира со останатите уставни темелни вредности.
„Лага и манипулација е тврдењето дека Уставниот суд со својата одлука укинал права на било која заедница. Тоа не е точно, ние сме чувари на Уставот таков каков што е. Темелната и соодветна правична застапеност е тука во Уставот и таа постои“,
кажа претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, 9 октомври 2024г.
Власта, која и во предизборната програма се залагаше за укинување на балансерот, подготви нов закон за соодветна и правична застапеност. Според најавите, новата регулатива треба да ги надмине недостатоците на доскорешната.
После толку години злоупотреби, да раскрстиме со минатото, градејќи институции кои не ги поддржуваат послушните, туку ги вреднуваат способните. Јавен сектор каде млад човек со квалитет може да напредува.
порача премиерот Христијан Мицкоски, 24.06.2025г.
Како со новиот закон ќе се надминат злоупотребите од минатотото? Како од една страна ќе се спроведе темелната вредност од Уставот за соодветна и правична застапеност и од друга, ќе се почитува системот на заслуги при вработување во јавниот сектор?
Помалку од десет страници и петнаесет члена. Толкав, на хартија, е Предлог-законот за соодветна и правична застапеност. Документот го мина владиниот филтер, по што извршната власт во јуни годинава го достави до Венецијанската комисија. Мислење се уште нема, но законот е објавен на порталот на Венецијанска.
А во него се наведува дека целта на законот е да ги почитува, афирмира и унапреди соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа.
Од клучните новитети, во членот 9 од законот, се предлага формирање на координативно тело за следење на соодветната и правична застапеност. Ова ново владино тело предвидено е да функционира во соработка со Агенцијата за административни службеници.
Составот ќе го определува Владата, а со него се предвидува да раководи еден од вицепремиерите. Ќе членуваат и министри, по еден претставник на Агенцијата, на Народниот правобранител, на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и на академската заедница.
(5) Координативното тело може, по сопствена иницијатива или по предлог на надлежна институција, да предложи ревизија на политики, програми и планови за вработување и унапредување во јавниот сектор, со цел унапредување на застапеноста.(
6) Координативното тело го следи и оценува спроведувањето на правата на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници, како и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. Врз основа на тоа, предлага мерки за унапредување на рамноправноста, инклузивноста и ефикасноста на јавната администрација.
пишува во Нацрт-законот.
За една институција да може да вработува, ќе мора да има план. Планот ќе се прави во согласност со методологија која ќе ја носи Агенцијата за административни службеници.
Подетално, планот се третира во членот 11, каде се пропишува и како ќе се осигура правичната застапеност:
(3) Распределбата ќе се заснова на процентуалната застапеност на вработените во институцијата на почетокот на календарската година, имајќи ги предвид податоците на населението од последниот попис и застапеноста на граѓаните на централно и/или локално ниво.
(4) Доколку врз основа на податоци и анализа се утврди надзастапеност на припадници на одредена заедница во некоја од институциите… Координативното тело е должно да предложи мерки за редистрибуција на новите вработувања, согласно Методологијата. Во институциите каде што е постигната или надмината соодветната застапеност, не треба да се планираат нови вработувања по основ на застапеност додека трае таквата состојба.
стои во членот 11.
Со оглед на тоа што и со „балансерот“ се правеа планови за вработување во јавните институции, прашавме во Министерството за јавна администрација што е поразлично во новиот закон? Што ќе гарантира почитување на темелната вредност за соодветна и правична застапеност од една страна и почитување на принципот заснован на заслуги при вработување во јавниот сектор од друга?
Според министерот Горан Минчев на новиот закон треба да се гледа во корелација со двата закони за вработени во јавниот сектор и за администартивни службеници. Со нив, како што објаснува тој, се заоструваат мерките за вработување.
Минчев: Посебно во рамки на Агенцијата за администрација, каде што новиот начин на вработување ќе се следи електронски и ќе има три нивоа на тестирање. Практично едно во агенцијата, усни испити и секако последната одлука на институцијата која што го распишала конкурсот. Но многу значајно е да се напомене дека ние усвоивме и донесовме уште еден закон каде што ја формиравме за прв пат во историјата на Република Македонија таканаречената Академија за обука и едукација на јавните службеници, што значи дека и во рамки на тој закон предвидуваме 120 часа обука на новите евентуални вработени во јавниот сектор од повеќе области кои што ќе бидат предмет на испитување и тестирање од стручна комисија која ќе биде формирана во таа академија.
„360 степени“: Јас пак ќе ве вратам на Законот за правична застапеност. Во членови од законот на пример се предвидува дека вработувањата ќе се регулираат со методологијата. Во член 11 се вели дека планот за вработување ќе биде во соработка со координативното тело. Тоа нели е слично со она што го регулираше балансерот досега? Што е поразлично, затоа што и сега има план за вработување, извештај…
Минчев: Во овој момент говориме за готова содржина на законот која што е во Венецијанската комисија. Што предвидува, што се предвидува во тој закон? Формирање на координативно тело кое што ќе го води еден од заменик претседателите на владата. Во тоа координативно тело ќе учествуваат и неколку министри, исто така ќе има претставници и од Државната комисија за спречување на корупција, од Народниот правобранител, но исто така ќе има и претставник од академската заедница, што значи овој процес, бидејќи е уставна категорија го отвораме и малку пошироко. Тоа координативно тело еднаш годишно ќе дава извештај за било која институција за соодветната застапеност на правичната застапеност на етничките заедници. Што значи дека има право од било која институција да побара каков, каква е структурата по етничка заедница на вработените во таа институција и за тоа да реферира пред Владата. Но исто така во рок од 30 дена институцијата треба да даде одговор.
„360 степени“: Тоа значи повторно ќе се бара при вработување да се изјаснат граѓаните за етничката припадност?
Минчев: Не, дозволете ми да довршам. Значи во рамки на тоа координативно тело кое што е во соработка со Агенцијата за администрација, тоа е паралелен процес, кое што ќе биде надлежна за тестирање на знаењето на евентуално новите вработени во јавниот сектор, ќе се врши овој процес. Но, многу значајно е по легитимирањето во законодавниот дом во Република Македонија, на овој закон, да Агенцијата подготви посебна методологија за правичната застапеност на етничките заедници. Тоа во овој момент не би сакал да го шпекулирам нити пак да прејудицирам каква ќе биде содржината на таа методологија.
На прашање како новиот закон ќе ги спречи злоупотребите кои се случуваа во минатото, кога граѓани се изјаснуваа со различна етничка припадност во зависност од потребите за вработување, Минчев посочува дека манипулациите се однесуваа на „балансерот“.
Во овој момент она кое што како Министерство го инсистираме е да новите вработувања доминантно бидат врз база на знаење и на квалитет. Што значи мислам дека е дојдено време етничката припадност, иако тоа е уставна категорија, да не биде прв елемент од кој што ќе се води конкурсот во одредена институција, туку напротив, во Македонија е дојдено време да направиме квалитетна јавна администрација, која што ќе знае, да создадеме нови генерации на службеници во јавниот сектор кои што ќе го преземат на свои плеќи процесот на нашиот пат кон Европската Унија, односно евроинтегративниот процес.
додава Минчев.
А како новиот закон е усогласен со одлуката на Уставниот суд за укинување на „балансерот“ ако во образложението се наведува дека кога афирмативната акција ќе ја исцрпи целта на постоењето, ја губи својата смисла, министерот Минчев вели дека новото законско решение се подготвува со уставни експерти и дека од тие причини се чека мислење од Венецијанската комисија.
Оценката треба да дојде во декември. По забелешките, се очекува законот да влезе во собраниска процедура, а потоа да помине и низ јавна дебата.