Мицкоски денеска потврди дека Беким Сали ќе биде нов прв вицепремиер во Владата на местото на Меџити, но негира дека ВЛЕН ќе добие уште едно министерско место
Премиерот беше прашан и дали има интерес кај одредени структури во коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ да станат дел од Владата, но, тој, исто така, избегна конкретен одговор, наведувајќи дека досега со никого не разговарал околу прашањето за Владата
Сега сме фокусирани на партискиот конгрес што ќе се случи на 6 декември, а паралелно со тој процес ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во Владата, доколку има потреба за тоа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Иако пред изборите премиерот најави реконструкција на владиниот кабинет веднаш по нивното одржување, денешната негова изјава оди во насока дека тоа нема да се случи наскоро.
„Ние сега сме фокусирани на конгресот, редовниот, кој ќе се случи на 6 декември во Кавадарци. Потоа нормално формирање на партиската структура, Извршниот комитет, Општинските комитети, другите структури што се во рамки на партијата и во меѓувреме додека сето тоа трае, ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во рамките на Владата. Јас сум подготвен со секого да разговарам, апсолутно тука нема никаква дилема, во рамките на коалицијата, но се разбира, мандатар на таа влада сум јас, така што нормално е дека последниот збор како мандатар на Владата ќе го имам јас“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по ставањето камен-темелник за изградба на културен дом во Општина Петровец.
Она што засега е извесно е дека ќе има нови лица на позицијата прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, откако Изет Меџити стана градоначалник на Чаир, како и во ресорот за односи меѓу заедниците, чиј министер Иван Стоиљковиќ влезе во Советот на Општина Куманово како кандидат на Демократската партија на Србите во Македонија, чиј претседател е тој.
Мицкоски денеска потврди дека Беким Сали ќе биде нов прв вицепремиер во Владата на местото на Меџити, но негира дека ВЛЕН ќе добие уште едно министерско место.
Имено премиерот денеска беше прашан дали има преговори и дали ВЛЕН ќе добие министер плус поради заминувањето на Меџити од ресорното животна средина, по што влезе во кратка дискусија со новинарката.
„Новинарката: Премиере, завршија изборите, самите најавивте реконструкција на Владата по завршување на изборниот процес, дали има преговори и дали ВЛЕН ќе добие министер плус со заминување на Меџити од ресорот животна средина?
Мицкоски: А зошто да добие?
Новинарката: Бидејќи Беким Сали ќе биде на вицепремиерската позиција.
Мицкоски: Добро, тоа не значи дека ќе има ресор повеќе, тоа си е одлука на нашиот коалициски партнер, јас имам високо мислење за Беким Сали, апсолутно тука не треба да имаме никаква дилема, но тоа не значи дека ќе има место повеќе во владиниот кабинет“.
Инаку, портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, завчера на прес-конференција изјави дека наследник на Меџити на позицијата прв вицепремиер во Владата ќе биде Беким Сали, а за министерската функција во Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде предложен друг кандидат.
Прашан околу можни смени во другите ресори и дали е незадоволен од одредени министри, како што велат гласините, Мицкоски рече дека реконструкција на Владата не се прави само да се каже дека е направена реконструкција, туку дека пред да се направи било каков потег треба добро да се размисли.
„Пред било кој потег да се повлече треба добро да се размисли, дали тоа ново кадровско решение коешто би дошло ќе биде подобро од претходното, нормално. Така што, тоа е еден процес на сериозна анализа“,
рече премиерот, повторувајќи оти е подготвен да седне и да разговара со сите чинители во Владата и да ги слушне нивните идеи.
Прашан повторно дали како мандатар е незадоволен од некои од функционерите и министрите, Мицкоски, повторно избегна да одговори директно, велејќи „оставете му време на времето и ќе добиете одговор дали можеме да бидеме подобри“.
„Секогаш можеме да бидеме подобри и треба да работиме да бидеме подобри“,
рече тој.

Премиерот беше прашан и дали има интерес кај одредени структури во коалицијата „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ да станат дел од Владата, но, тој, исто така, избегна конкретен одговор, наведувајќи дека досега со никого не разговарал околу прашањето за Владата, бидејќи веднаш по вториот круг отпатувал за Брисел.
На прашањето дали со реконструкцијата на Владата ќе бидат опфатени министерствата за правда и за образование, со кои во моментов раководат Игор Филков од ЗНАМ и Весна Јаневска во ВМРО-ДПМНЕ, премиерот рече дека некоректно е да се зборува за шпекулации.
Повтори дека сè уште не седнал да размислува на таа тема, и дека со партијата се фокусирани на редовниот партиски конгрес.
„Очекувам за испразнетите места во најскоро време да добиеме имиња, да видиме дали тие имиња апсолутно се во рамките на тие имиња што очекувам да бидат и тие имиња да ги пополнат испразнетите места во Владата и во институциите, потоа партискиот конгрес редовен, потоа во рамките на партијата реконструкција и паралелно со тоа ќе почнат размислувањата околу одредени ресори, институции итн. Ова ќе биде процес што ќе трае, нема да биде од денес за утре“,
кажа премиерот.
Во таа насока, тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи е комотна и има, како што рече Мицкоски, огромно мнозинство како коалиција во рамките на парламентот. Премиерот во овој контекст се осврна и упати критики за изјавите кои доаѓаат од опозицијата а се во врска со резултатите од изборите.
„Како Влада на овие избори излеговме, еве, слушам од опозицијата имало опозициско расположение, а Владината коалиција освојува 65, односно, да, точно 64 плус градот Скопје од 80 општини плус Градот Скопје. Значи 80 проценти од градоначалничките места ги освојува владината коалиција, а искусни политичари во опозицијата тврдат дека имало опозициско расположение. Просто човек не може да им се изначуди како континуирано не можат да ја разберат и да ја слушнат пораката од народот“,
рече Мицкоски.
