Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија
Потпишувањето на договорот доаѓа по серијата состаноци што надлежните министерства и претставници на македонската и бугарската железница ги одржаа изминатиот период, на кои се договараа чекорите за реализација на проектот
Вицепремиерот и министер за транспорт на земјава, Александар Николоски, и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов денеска ќе го потпишат Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел меѓу Македонија и Бугарија, кој е дел од пругата на Коридорот 8.

Свеченоста по повод потпишувањето на договорот ќе се одржи на железничката станица „Ѓуешево“, а на церемонијата е предвидено да присуствуваат претставници на Европската комисија (ЕК), НАТО, на Соединетите Американски Држави (САД), потоа на Европската инвестициска банка, на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), како и претставници на Светска банка.
Изградбата на железничкиот тунел, како што информираа од Министерството за транспорт, ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридорот 8.
„Изградбата на железничкиот Коридор 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамките на НАТО. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце“,
велат од Министерството за транспорт.
Инаку, проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија.
Делницата од железничката пруга од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка на третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение.
Потпишувањето на договорот доаѓа по серијата состаноци што надлежните министерства и претставници на македонската и на бугарската железница ги одржаа изминатиот период, на кои се договараа чекорите за реализација на проектот.
На средината на јули годинава македонската и бугарската делегација во Брисел одржаа заеднички состанок на кој беше најавено дека ќе биде распишан тендер за третата делница од Бугарија. За заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел меѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи за финализирање на текстот на меѓувладиниот договор за отпочнување на градежните работи на почетокот на следната година.
