Тој вели дека постигнатиот изборен резултат е поради соработката во коалицијата

Портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, откако синоќа упати критики до коалицискиот партнер од Владата, ВЛЕН, денеска ретерираше со нова објава. Мемов во објава на својот фејсбук-профил вели дека тоа било негов личен став, а не на партијата од која доаѓа.
„Вчерашната објава на мојот фејсбук-профил во однос на поддршката помеѓу партнерите во Владата на локалните избори е мој личен став и не изразува став на Движењето ЗНАМ за наша Македонија“,
пишува Мемов.
Мемов признава дека неговата објава „предизвика внимание, но и негативни реакции“.
Тој вели дека постигнатиот изборен резултат е поради соработката во коалицијата.
„Победата на овие локални избори што ја остварија ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН е резултат на нашата заемна поддршка во сите општини во Македонија, што е потврда на имплементацијата на конзистентните политики на владата во изминатиот период“,
додава Мемов.
Мемов повика на продолжување на соработката на централно ниво, оценувајќи дека зацртаните политички цели за локалните избори се остварени.
„По локалните избори владините партнери треба да продолжат во ист правец, затоа што зацртаните политички цели за овие избори се остварени“,
вели портпаролот на ЗНАМ, Мемов.
Инаку, Мемов во вчерашна објава на Фејсбук напиша дека ВЛЕН ја изиграле владејачката ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Скопје и не гласале за нивниот кандидат Орце Ѓорѓиевски. Тоа, според Мемов, е голема грешка.
