„Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“, соопшти ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) информира дека од вкупно 4 826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, денеска до 20:00 часот гласале 3 327 гласачи.
Како што соопшти ДИК, во 14 казнено поправни установи во кои своето право на глас можат да го остварат 1 256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Според ДИК, гласањето за сите овие категории гласачи се одвивало непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК извести дека резултатите од денешното гласање не се објавуваат денес, туку секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик во гласачките кутии.
„Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре по 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа“,
прецизираат од ДИК.
Претходно ДИК како неоснован одби еден приговор за остварување гласачкото право од лице од Боговиње, бидејќи при проверката констатирале дека е запишано во избирачкиот список и може да гласа.
Во вториот круг од локалните избори утре се гласа за градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје, како и на три избирачки места во Шуто Оризари за советници. Право на глас имаат 1 013 375 граѓани.
