Прашан кого ќе поддржи СДСМ во трката за градоначалник на Град Скопје, во која в недела ќе се соочат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, Филипче рече дека немаат формална соработка со ниту една од двете партии и оти остава на членството и симпатизерите на СДСМ самите да одлучат, врз основа на тоа кој сметаат дека подобро ќе го води градот.
Јасно и децидно кажувам дека нема никаков договор за поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Општина Капрош, изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Ова тој го кажа на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање за коментар на фотографијата што вчера на Фејсбук ја објави кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, со кандидатката за градоначалник за истата општина од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Маја Мојсова-Мијовска, која не влезе во вториот круг.
Филипче рече дека разговарал со Мојсова-Мијовска за фотографијата што предизвика реакции меѓу членовите и симпатизерите на опозициската партија, но и во јавноста, додавајќи дека денеска ќе има и средба со неа.
„Во однос на сликата, апсолутно не станува збор за никаков договор и тоа сакам многу јасно да го кажам. Разговарав со Маја, во текот на денот и ќе се видиме. Таа напиша и еден пост, тоа го препишувам на политичко неискуство, но јасно децидно кажувам дека нема никаков договор за поддршка на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, впрочем тоа беше еден од кандидатите против кои ние се боревме во првиот круг“,
рече лидерот на СДСМ.
Дополнувајќи се, во истиот контекст, тој рече дека и нему му се јавиле голем број членови и симпатизери на СДСМ кои прашувале дали станува збор за некаков скриен договор.
„Не, апсолутно не станува збор за никаква таква работа“,
додаде Филипче.
За потсетување, во првиот круг Лукровски освои 10 284 гласа, а Мојсова 3 827. Во вториот круг со Лукровски се трка кандидатот на коалицијата „Искуство за успех“ и актуелен градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во првиот освои 8 761 глас.
Прашан кого ќе поддржи СДСМ во трката за градоначалник на Град Скопје, во која в недела ќе се соочат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, Филипче рече дека немаат формална соработка со ниту една од двете партии и оти остава на членството и симпатизерите на СДСМ самите да одлучат, врз основа на тоа кој сметаат дека подобро ќе го води градот.
„Немаме формална соработка со ниту една партија, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, немаме ниту разговори ниту, пак, имаме со Левица. Така што нашите членови и симпатизери нека одлучат врз основа на тој кој сметаат дека подобро може да го води градот“,
рече Филипче.
Инаку, ова е генералниот став на партијата што тој го упати до членовите и нивните симпатизери од денешната прес-конференција, односно онаму каде што социјадемократите немаат свој кандидат во вториот круг, да гласаат согласно сопственото убедување и за кандидат за кој сметаат дека носи вредности блиски до социјадемократската идеја.
„Во општините каде што СДСМ нема кандидат во вториот круг сакам да бидам многу јасен. Ние нема да навлегуваме ниту навлеговме во калкулации или некакви заткулисни договори. Секој граѓанин, секој член, секој симпатизер има целосно право да одлучи согласно сопственото убедување, според тоа кој кандидат носи вредности блиски до социјалдемократската идеја, до социјалдемократските вредности, за чесно владеење, за почит, за еднаквост и за развој“,
кажа Филипче.

Претходно во своето обраќање на прес-конференцијата, тој упати честитки до кандидатите на партијата кои се изборија за влез во вториот круг и кои в недела ќе се борат за градоначалничката функција во 17 општини.
Обвини дека и во периодот пред првиот круг и во изминатите две две недели кандидатите на СДСМ се соочиле со притисоци и заплашувања упатени преку институциите управувани од кадри на владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
„И тоа го детектиравме буквално во сите општини, посебно засилено во овие 17 општини во очи вториот круг“,
рече Филипче.
Лидерот на СДСМ рече оти смета дека треба да продолжи, како што кажа, трендот на пад на поддршката на оваа владејачка гарнитура, што, додаде, било евидентно во првиот круг на изборите.
„Очекувам тоа да продолжи и да се засили во периодот после изборите“,
рече Филипче додавајќи дека в недела, секој глас може да направи и ќе направи разлика.
