Во вториот круг од локалните избори за градоначалник ќе се гласа во 32 општини и Градот Скопје, а на три избирачки места во Општина Шуто Оризари ќе има прегласување за советници откако Управниот суд ги поништи резултатите поради утврдени нерегуларности
Вечерва на полноќ завршува кампањата за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат в недела, 2 ноември. Со тоа, стартува изборниот молк кој ќе трае до 19 часот во недела кога ќе се затворат избирачките места во општините во државата на кои има гласање во вториот круг.

Во вториот круг од годинашните локални избори за градоначалник ќе се гласа во 32 општини и Градот Скопје, а на три избирачки места во Општина Шуто Оризари ќе има прегласување за советници откако Управниот суд ги поништи резултатите поради утврдени нерегуларности.
Втор круг од гласањето за избор на градоначалник ќе има во Аеродром, Боговиње, Брвеница, Валандово, Виница, Дебар, Дебарца, Демир Капија, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Куманово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Струга, Студеничани, Тетово, Чешиново Облешево, Чучер Сандево, Шуто Оризари и во Градот Скопје.
Вчера започна дистрибуцијата на 1 013 357 избирачки ливчиња низ општините во државата за гласањето в недела.
Во четирите општини каде што не беше постигнат цензус на првиот изборен круг одржан на 19 октомври, ќе има повторување на изборната постапка за избор на градоначалник 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори 2025. Станува збор за општините Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше.
