Посочи дека настанало мало несогласување со уредништвото со ТВ Телма, за кое, вели дека професионално се обидело да ја организира дебатата, а од која, како што додава, владиниот кандидат избегал. Сепак, смета и дека не било меѓусебно јасно искомуницирана можноста за негово поединечно интервју
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ вечерва на Фејсбук се огласи по реакцијата на ТВ Телма за објавата на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во која тој ја обвини телевизијата дека покажала двојни стандарди кон кандидатот од неговата партија, откако противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, не прифатил учество во дебата.

Посочи дека настанало мало несогласување со уредништвото со ТВ Телма, за кое, вели дека професионално се обидело да ја организира дебатата, а од која, како што додава, владиниот кандидат избегал.
„Притоа не беше меѓусебно јасно искомуницирана можноста за мое поединечно интервју, што дојде до оваа нова вест која сега циркулира во јавноста, а за што не е виновна ниту една страна“,
вели тој.
Упати предлог со ТВ Телма, да се обидат да закажат дебата со неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, во која тој ќе дојде, доколку, како што додаде, се прибрал од митингот вечерва.
„Во секој случај, јас сум достапен да дојдам и сам утре во ТВ Телма“,
напиша вечерва на Фесбук Мециновиќ.
Потсети дека утре го организраат и Вториот скопски марш, почнувајќи од 9 часот кај споменикот на кружниот тек во скопската населба Ѓорче Петров.
Инаку, вечерва на ТВ Телма требаше да се одржи дебата меѓу двајцата кандидати за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица.
Но, тоа не се случи, бидејќи Ѓорѓиевски го откажа учеството, посочувајќи дека во тој термин е и завршниот митинг на неговата кампања во Скопје, на кој ќе присуствува.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев ја обвини телевизијата дека покажала двојни стандарди кон кандидатот за градоначалник на Град Скопје од неговата партија, Амар Мециновиќ откако неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, не прифатил учество во дебата.
Според Апасиев, на Мециновиќ не му било понудено самиот да гостува на ТВ Телма, иако вчера на телевизијата сам гостувал Стевчо Јакимовски од ГРОМ, откако неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, Сотир Лукровски, се откажал од дебата.
На оваа негова објава реагираше ТВ Телма, од каде посочија дека на Мециновиќ му понудиле да гостува на телевизијата во форма на интервју, но тој не прифатил.
