Според Апасиев, на Мециновиќ не му било понудено самиот да гостува на ТВ Телма, иако вчера на телевизијата сам гостувал Стевчо Јакиновски од ГРОМ, откако неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, Сотир Лукровски, се откажал од таа дебата
На оваа негова објава реагираше ТВ Телма, од каде посочија дека на Мециновиќ му понудиле да гостува на телевизијата во форма на интервју, но тој не ја прифатил поканата
ТВ Телма вечерва реагираше на денешната објава на фејсбук-профилот на лидерот на Левица, Димитар Апасиев, во која тој ја обвини телевизијата дека покажала двојни стандарди кон кандидатот за градоначалник на Град Скопје од неговата партија, Амар Мециновиќ откако неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, не прифатил учество во дебата.

Според Апасиев, на Мециновиќ не му било понудено самиот да гостува на ТВ Телма, иако вчера на телевизијата сам гостувал Стевчо Јакимовски од ГРОМ, откако неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ за Карпош, Сотир Лукровски, се откажал од дебата.
„Синоќа, Сотир од ДПМНЕ откажал дебата на Телма. Сам си гостуваше Стевчо од Карпош. И така е редот. Чим не идеш, другиот си фура без тебе. Нема љутиш. Арно ама … денеска Орце од ДПМНЕ исто откажа дебата на Телма. И Телма наместо да фураат само со Амар, кој прифати и го планираше гостувањето, скроз ја откажаа дебатата, без да му дадат шанса на Амар, сам да си гостува, како синоќа на Стевчо. Како бе вака со двојни стандарди? Едни за граџаните, а други за левичарите. А ќе речеш ‘професионалнци‘ од национална ТВ“,
пишува Апасиев на Фејсбук.
На оваа негова објава реагираше ТВ Телма, од каде посочија дека на Мециновиќ му понудиле да гостува на телевизијата во форма на интервју, но тој не прифатил.
„Вистината е сосема поинаква. По одбивањето на дебатата од Ѓорѓиевски, уредниците на Телма зборуваа со Мециновиќ, при што му беше понудено да дојде на интервју, истиот ден за кога беше закажана дебатата, по истиот принцип на кој гостуваа и други кандидати. Мециновиќ културно се заблагодари на нашиот професионален однос, но не ја прифати поканата“,
се вели во реакцијата на ТВ Телма.
За дебатата меѓу двајцата кандидати за градоначалници за Скопје, што требало да се одржи денеска, од телевизијата велат дека не ја најавиле, зашто до последен момент чекале потврда од двајцата кандидати.
„Поканата веднаш ја прифати Мециновиќ, а Ѓорѓиевски во текот на вчерашниот ден испрати известување дека нема да гостува“,
објави Телма.
Лидерот на Левица денеска на Фејсбук остро реагираше поради откажувањето на дебатната емисија на Телма меѓу Мециновиќ, посочувајќи дека со овој чекор граѓаните во демократска Македонија остануваат без суштинска, реална дебата меѓу кандидатите за прв човек на главниот град.
„Иако пред очите на целата јавност владиниот кандидат Орце Ѓорѓиевски јасно изјави дека ќе се појави на ТВ Телма и ќе се соочи со Мециновиќ, денеска, на денот кога дебата требаше да се одржи, дознаваме дека тоа, сепак, нема да се случи“,
вели Апасиев.
Тој смета дека ,,треба да остане забележано оти принцот од Белата палата, Орце Ѓорѓиевски, кој уверуваше дека не бега и не се плаши од дебати со Мециновиќ, не смогна храброст да се појави на нормална, неисценирана, ненаместена, непристрасна дебата без подготвени прашања и одговори со кандидатот на Левица”.
Апасиев вчера на Фејбук упати саркастично прашање – дали дипломираниот политиколог од ЕВН, алудирајќи на Ѓорѓиевски, ја откажал дебатата на Телма со овој цензурираниов со средно од Левица, алудирајќи на Мециновиќ.
Ѓорѓиевски на својот фејсбук-профил објави зошто нема да учествува во дебата со противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ, која требаше да се одржи вечерва на ТВ Телма.
Тој вели дека во тој термин е и завршниот митинг на неговата кампања во Скопје, на кој ќе присуствува.
Сепак, нагласи и дека целосно ги почитува намерата и професионалноста на телевизијата која ја испратила поканата за дебата.
