Лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вели дека ниту е во комуникација со Изет Меџити, ниту, пак, е на страната на оние кои, како што вели, сакаат да ги поништат правата на албанскиот народ
Со вас и со ВМРО-ДПМНЕ ќе имаме работа заедно во парламнетот, но како и секогаш – власта од една, а јас од друга страна, не рамо до рамо туку лице в лице – порача лидерот на едното крило на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој е дел од коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ откако Изет Меџити од владејачката ВЛЕН рече дека не ја негира можноста Села од опозиција да се приклучи во Владата.

Во вчерашното гостување во ТВ 21, Меџити изјави дека политичката сцена кај партиите на Албанците во моментов е измешана, а на прашањето дали имало разговори во насока на приклучување на Села во власта, тој рече:
„Комуницираме. Политичката сцена стана толку измешана, се случија многу турбуленции и мислам дека сè уште ќе има турбуленции“.
Села, пак, од друга страна, вели дека измешани се лагите, пропагандата и невистините кои ги шири Меџити.
„Вистината е секогаш јасна и не е конфузна, таа е само една и не може да има две или повеќе вистини. А, оваа вистина звучи вака, Изет – ти не си во комуникација со мене, јас не сум дел од Владата, и не сум на страната на оние кои сакаат да ги поништат нашите права како народ. Ќе работиме заедно во парламентот со вас и со ВМРО. Како и секогаш, власта од едната страна, а јас од другата. Не еден до друг, туку лице в лице!“,
пишува Села во објава на Фејсбук.
Додава дека своите достигнувата во политиката ги мери според тоа колку придонел за рамноправноста на Албанците во земјава, а не според привилегиите на власта.
