Во возилото се наоѓале eден возрасен и осум малолетници на возраст од 13 до 16 години, членови на џудо-клубот „Партизан“ од Белград кои, според српското МВР, се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан. Едно од децата, родено во 2009 година, починало на самото место, а возрасниот и другите седум деца се повредени
Едно дете загина, а седум други се повредени во тешка сообраќајна несреќа што утринава околу 3:30 часот се случила на автопатот Нови Сад – Белград. Во несреќата е повреден и еден маж.

Сообраќајката се случила кога по наплатната рампа во правец на Белград, комбето во кое се превезувале малолетниците излетало од коловозот, ја пробило заштитната ограда и паднало во канал.
Во возилото се наоѓале осум малолетници на возраст од 13 до 16 години, членови на џудо-клубот „Партизан“ од Белград кои, според наводите на српското МВР, се враќале од меѓународен спортски камп и натпревар во Азербејџан. Едно од децата, родено во 2009 година, починало на самото место, а другите седум се повредени и се префрлени во Детската болница во Нови Сад.
„Во сообраќајната несреќа се повредени седум деца на возраст од 13 до 15 години. Беа донесени во Институтот за здравствена заштита на деца и млади во Војводина. Две од нив се сместени на интензивна нега. Едно дете има повреда на цервикалниот ‘рбет и се транспортира во Белград. Раните на друго дете се третирани под општа анестезија. Другите деца беа примени на одделението за набљудување и се во добра состојба“,
изјави за РТС доктор Андреа Ѓуретиќ од Детската болница во Нови Сад.
Возачот на комбето е маж на возраст од 43 години кој, исто така е тешко повреден и е пренесен во Ургентниот центар на Клиничкиот центар на Војводина со повеќекратни повреди.
