За тоа како треба да изгледа Маџир Маало, кандидатот на ЗНАМ рече ќе се консултираат со граѓаните, а дополнително најави и изградба на нова градинка и модернизација на улиците кои, како што кажа, долго време не се санирани
Маџир Маало, како што кажа Николоски, е срцето на Скопје, но за жал луѓето во него живеат во супстандардни услови и во населбата може да се види како изгледа урбанистичкиот хаос
Донесување нов урбанистички план што ќе донесе квалитетен и модерен развој на центарот на Скопје, најави денеска кандидатот на ЗНАМ за градоначалника на општина Центар, Мирослав Лабудовиќ, кој ја има поддршката на поголемиот партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ.

Лабудовиќ, кој битката за градоначалничката позиција во вториот круг ќе ја бие со кандидатот на СДСМ, Горан Герасимовски, ова го изјави од населбата Маџир Маало, во чија посета беше денеска со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Говорејќи за проблемите во овој дел од општина Центар, кандидатот на ЗНАМ рече дека со Николоски имаат заеднички став оти е време да се донесе нов урбанистички план за Маџир Маало што ќе овозможи развој на овој дел од Скопје.
„Во изминатиот период многу често разговараме со вицепремиерот и министер за транспорт (Александар Николоски) за тоа што се случува во општина Центар, како брутална бетонизација, и имаме заеднички став дека треба час поскоро Општината заедно со Министерството да влезе во процес на разгледување и донесување нови урбанистички планови кои ќе бидат исклучиво во интерес на граѓаните“,
изјави Лабудовиќ.
За тоа како треба да изгледа Маџир Маало, кандидатот на ЗНАМ рече ќе се консултираат со граѓаните, а дополнително најави и изградба на нова градинка и модернизација на улиците кои, како што кажа, долго време не се санирани.
Ваков пристап, доколку победи во вториот круг в недела, Лабудовиќ рече дека ќе има не само за Маџир Маало, туку за цел Центар.
„Многу ме радува што соработката со Министерството за транспорт и со целата влада и дополнително со Градот Скопје ќе биде насочена исклучиво кон задржување на јавниот интерес, исклучиво кон разубавување и подобрување на квалитетот и комфорот на животот на центарци“,
изјави тој.
Кон прашањето за урбанизмот се осврна и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски. Во таа насока, тој упати критики и обвинувања до актуелното раководство на општина Центар, односно до противкандидатот на Лабудовиќ, дека урбанизмот го гледаат единствено низ призма на личен финансиски интерес и поради тоа жителите на Маџир Маало живеат во услови кои не доликуваат на 21. век.
Маџир Маало, како што кажа Николоски, е срцето на Скопје, но за жал луѓето во него живеат во супстандардни услови и во населбата може да се види како изгледа урбанистичкиот хаос.
,,Затоа што поединци коишто се блиски на актуелното раководство на општина Центар, не можат тука да си го најдат финансискиот интерес и не можат тука да најдат бизнис. Затоа луѓето овде живеат во една ситуација која што не приличи на 21. век“,
рече Николоски.
Министерот, во тој контекст, посочи и на новите згради кои се градат во населбата, каде тесните улици им создаваат проблеми и на новите жители и на оние што веќе живеат тука. Тоа, додаде тој, најдобро покажува на кој начин „се уништува општина Центар и зошто се потребни промени во општина Центар“.

Николоски додаде и дека откако е избран за министер цело време гласно зборува за урбанистичките проблеми во општините Центар и Карпош.
„Предложив на двете општини и на двата актуелни градоначалници да донесеме специјални закони за општина Центар и за општина Карпош, коишто би дале развој, но би го заштитиле во исто време урбаното живеење. Двајцата не се согласија, и ги гледаме сега причините зошто“,
рече Николоски.
Вицепремиерот на крајот порача дека заедно со кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на општина Центар, доколку биде избран, ќе работат на решавање на проблемите на жителите од Маџир Маало за конечно да добијат пристојни услови за живот.
