Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, додаде дека Обвинителството може да го смета ова за информација по допрен глас и да утврди дали има основи за постапување и евентуална одговорност
Државната изборна комисија (ДИК) разреши членови на два избирачки одбори во Општина Шуто Оризари поради утврдени нерегуларности во првиот круг од локалните избори.

Одлуката на ДИК следува по решението на Управниот суд кој го поништи гласањето на овие избирачки места поради пропусти во спроведувањето на изборната постапка. За избирачкото место 2962 се однесува за постапката за гласање за градоначалник, а за избирачкото место 2966 за резултатите за изборот на советници.
Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека Државната изборна комисија утре на овие две избирачки места ќе назначи нови избирачки одбори од други општински избори комисии кои, како што кажа, добро го спровеле гласањето, а се од општини каде што нема да има втор изборен круг.
„Нема да се оди со избирачки одбори од ОИК Шуто Оризари ниту, пак, со случаен избор на нови, туку ќе се оди со избирачки одбори делегирани од друга општинска изборна комисија кои веќе имаат искуство и по препорака на општинските изборни комисии кои без никакви проблеми го имаат спроведено гласањето“,
изјави Кондарко на денешната седница на ДИК.
Додаде дека Обвинителството ова може да го смета за информација по допрен глас и да утврди дали има основи за постапување и евентуална одговорност.
„На овој начин ја праќаме пораката дека нема да се толерира никакво незаконито работење на избирачките одбори – не само што ќе бидат разрешени, туку ќе се преземаат сите други неопходни мерки со цело обезбедување и гарантирање заштита на изборниот процес, заштита на законитоста“,
рече Кодарко.
