За неговото раководење со општината, досегашниот градоначалник вели дека му било огромна чест и задоволство да ја води Струмица и оти верува дека со неговата јасна визија успеал да ги исполни очекувањата на сите струмичани
Костадин Костадинов, кој изминатите четири години раководеше со Општина Струмица, денеска функцијата му ја предаде на новозибраниот градоначалник, Петар Јанков кој, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг на локалните избори, прекикувајќи го со тоа двоцениското раководење со оваа општина на кадри на СДСМ.

За примопредавањето на функцијата, Костадинов информира преку објава на социјалните мрежи, во која јавно му посака на неговиот наследник здравје и успех во работењето, затоа што, како што додава, постветеноста на таткото на општината е секогаш успех за Струмица.
„Сакам да го охрабрам да ја согледа и препознае визијата за Струмица како модерен, европски и зелен град, визија на цела генерација струмичани која верува во подобра иднина тука, дома“,
напиша Костадинов на Фејсбук.
За неговото раководење со општината, досегашниот градоначалник вели дека му било огромна чест и задоволство да ја води Струмица и оти верува дека со неговата јасна визија успеал да ги исполни очекувањата на сите струмичани.
Вели дека заедно со неговиот тим, во изминатите четири години ја создале најдобрата верзија на нашата Струмица.
„Проектите и резултатите се евидентни, а голем дел оставаат и траен белег во развојот на општината. Се надевам дека со довербата која ја добив од струмичанки и струмичани ги исполнив нивните очекувања, а тие го препознаа вложениот труд и ангажман и денес ги живеат резултатите од мојот градоначалнички мандат. Во оваа прилика благодарам на сите за поддршката, но и за критиките кои секогаш нè прават подобри. За сѐ има вистинско време и место. Да ги видиш и да ги согледаш е доблест, а да делуваш е моќ. Кон нови победи и успеси, продолжувам понатаму, од срце за Струмица“,
напиша Костадинов.
За приморедавањето на функцијата на Фејсбук се огласи и новоизбраниот градоначалник на Струмица, Петар Јанков кој ветува дека ќе работи со голема посветеност, транспретност и одговорност во интерес на сите струмичани.
Градоначалникот Јанков денеска се сретнал и со досегашниот претседател на Советот на Општина Струмица, Марјан Даскаловски, заради закажување на конститутивната седница на новиот совет на Општината во кој советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го имаат мнозинството.
„Средбата помина во конструктивна атмосфера, со заедничка определба за континуитет и непречено функционирање на Советот во интерес на граѓаните“,
информира Јанков.
ВМРО-ДПМНЕ успеа да победи во Струмица уште во првиот круг од локалните избори, што се одржа на 19 октомври и да го прекине дводецениското раководење со оваа општина на кадри на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, сега и формално градоначалник на Струмица, Петар Јанков на изборите освои 15 071 глас, додека неговиот протикандидат од СДСМ доби 9 732 гласа.
Досегашниот градоначалник Костадин Костадинов пред четири години стана градоначалник на Струмица како член и кандидат на СДСМ. Но, во пресрет на локланите избори годинава на површина излегоа неговите несогласувања со актуелното раководство со партијата кои кулминираа откако тој не беше избран да се бори за втор мандат.
По објавата на лидерот на СДСМ Венко Филипче дека партијата за градоначалник на Струмица ќе го кандидира општинскиот претседател на партијата Марјан Даскаловски, Костадинов на Фејсбук објави дека го замрзнува членството во СДСМ додека не се смени партиското раководство.
Еден ден по првиот круг од изборите, Костадинов упати остра критика до СДСМ базирана на изборните резултати во сите општини на ниво на државата. Оцени дека ова не е обичен пораз, туку, како што вели, тешка брука, политички и морален срам и сигнал за политичко заминување на поголем број членови од раководството на партијата.
