„Имаме ветувања 72 часа откако ќе го преземе управувањето на Градот Скопје дека сметот треба да биде комплетно исчистен и тоа да биде еден тековен процес, не да биде вест, туку нормална работа на институциите на Градот“, вели премиерот

Проблемот со сметот во главниот град ќе има разврска која ќе биде многу интересна да се следи, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски ова го посочи одговарајќи на новинарски прашања дали од институциите добил конкретни предлози за решавање на проблемот со сметот во Скопје или, пак, ги чека активностите на Обвинителството кое минатата недела започна постапка и дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело во врска со состојбата со отпадот во главниот град.
Тој им се заблагодари на градоначалниците на Велес, Штип, Кавадарци и Куманово за поддршката, што ја давале изминативе денови со механизација за чистење на сметот во Скопје.
Мицкоски најави дека во следните денови ќе продолжат активностите и очекува проблемот да биде решен кога ќе има нова локална власт во Скопје.
„Очекувам откако ќе победи Орце Ѓорѓиевски, кога ќе се примопредаде практично раководењето на градот Скопје, целата работа со сметот да се нормализира“,
рече Мицкоски.
Тој потсети и на ветувањето што кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски го кажа дека ако стане градоначалник во првите 72 часа ќе направи генералка на градот.
„Имаме ветувања 72 часа откако ќе го преземе управувањето на Градот Скопје дека сметот треба да биде комплетно исчистен и тоа да биде еден тековен процес, не да биде вест, туку нормална работа на институциите на Градот“,
рече Мицкоски.
Изминатите денови, Скопје беше затрупано во ѓубре. Минатата недела на иницијатива на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовскии, претседателот на ЗЕЛС и кандидат за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски свика состанок со сите скопски градоначалници со цел да се изнајде решенија за нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена”.
Ѓорѓиевски додаде дека сите градоначалници од скопскиот регион, со поддршка од општествено одговорни компании се обидувале да го амортизираме хаосот што го зафати градот.
Основното јавно обвинителство Скопје минатата недела соопшти дека веќе постапува и презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело во врска со состојбата со отпадот во Скопје.
Како што информираа од ЈОРСМ, јавниот обвинител издал наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена“. Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба.
Владата, пак, претходно соопшти дека го задолжила Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во „Комунална хигиена“ со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.
