Литванската премиерка Ругињене, исто така, рекла дека земјата не ја исклучува можноста да повика на консултации во рамките на НАТО, повикувајќи се на членот 4 од основачкиот договор на Алијансата, објави Ројтерс
Литванските власти синоќа, по четврти пат за една една недела, го затворија аеродромот во главниот град на земјата, Вилнус, откако неколку летечки објекти, за кои се верува дека се балони со хелиум, навлегле во нејзиниот воздушен простор, пренесе „Гардијан“.

И во претходните случаи аеродромот беше затворен поради сомнителни балони, за кои првично се веруваше дека ги користат шверцери на цигари од Белорусија, но властите во Вилнус ги обвинија Москва и Минск дека вршат притисок врз Литванија во рамки на хибридна психолошка операција.
Раководителот на Националниот центар за управување со кризи на Литванија, Вилмантас Виткаускас, за националниот радиодифузер – ЛРТ, изјавил дека околу 66 објекти биле забележани на радарите вчеравечер.
Деивидас Матулионис, виш советник на претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, во врска со случајот, изјавил дека станува збор за дел од „хибридна психолошка операција“ што има за цел да го наруши секојдневниот живот на Литванците.
Само што ги добиваме првите изјави од литванската премиерка Инга Ругињене по состанокот на Советот за безбедност утрово.
Советот за национална безбедност на земјата, како што пренесе „Гардијан“, утрово одржа состанок, по кој литванската премиерка Инга Ругинење изјави дека било одлучено владата да ја продолжи одлуката за затворање на границата со Белорусија и најави дека сите сомнителни балони што го нарушуваат литванскиот воздушен простор ќе бидат соборени.
„На овој начин испраќаме сигнал до Белорусија и велиме дека никаков хибриден напад нема да се толерира тука. Ќе ги преземеме сите најстроги мерки за да ги спречиме ваквите напади“,
рече таа во коментарите објавени од јавниот радиодифузен сервис ЛРТ.
Литванската премиерка Ругињене, исто така, рекла дека земјата не ја исклучува можноста да повика на консултации во рамките на НАТО, повикувајќи се на членот 4 од основачкиот договор на Алијансата, објави Ројтерс.
Членот 4, кој не треба да се меша со многу посериозната одредба од членот 5, им овозможува на земјите членки на НАТО да повикаат на разговори „секогаш кога, според мислењето на која било од нив, територијалниот интегритет, политичката независност или безбедноста на која било од страните се загрозени“.
Јавниот радиодифузен сервис на Литванија – ЛРТ, соопшти дека аеродромот во Вилнус е повторно отворен утрово, откако речиси 50 летови биле откажани, пренасочени или доцнеле поради инцидентот, погодувајќи илјадници патници.
Операторот на аеродромот за ЛРТ изјавил дека во текот на минатата недела повеќе од 170 летови биле откажани, што предизвикало компликации во патувањето на речиси 30 000 корисници на авиотранспортот.
Објаснувањето на надлежните е дека одлуката за затворање на воздушниот простор, како мерка на претпазливост, е неопходна затоа што се верува дека некои од балоните откриени во близина на аеродромот тежат и до 50-60 килограми и евентуален судир со авион може да има драматични последици.
Изминатиот период аеродромите во неколку европски престолнини мораа привремено да го затворат воздушниот сообраќај поради сомнителни дронови и балони.
