Државниот медиум на талибанците, РТА (RTA), вчера објави дека по 15 часа континуирани разговори, авганистанската страна доставила нацрт-документ со кој бара Пакистан да го почитува територијалниот интегритет и воздушниот простор на Авганистан и да не дозволи пакистанската територија да се користи за активности против земјата
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека многу брзо ќе ја реши кризата меѓу Авганистан и Пакистан, и тоа го кажа во време кога во Истанбул се одржуваше вториот ден од мировните преговори.

„Слушнав дека Пакистан и Авганистан започнаа разговори. Но, ќе го решам тоа многу брзо“,
рече Трамп на маргините на самитот на АСЕАН во Малезија, јавија американските медиуми.
Трамп даде изјава за време на потпишувањето на мировниот договор меѓу Тајланд и Камбоџа, додавајќи дека лидерите на Пакистан се одлични луѓе.
Државниот медиум на талибанците, РТА (RTA), вчера објави дека по 15 часа континуирани разговори, авганистанската страна доставила нацрт-документ со кој бара Пакистан да го почитува територијалниот интегритет и воздушниот простор на Авганистан и да не дозволи пакистанската територија да се користи за активности против земјата.
Во нацрт-документот, како што се наведува, се предлага формирање на четиристран механизам за надзор на прекинот на огнот и размена на информации за неговите можни прекршувања.
Според РТА, пакистанската делегација го доставила својот нацрт-договор во саботата вечер.
Втората рунда преговори меѓу делегациите на двете земји започна во саботата во Истанбул, со цел привременото примирје постигнато претходно овој месец во Доха да се претвори во трајна рамка за мир и безбедност.
Пакистанската армија во неделата објави дека убила 25 милитанти за време на одбивањето два големи обиди за инфилтрација вдолж границата, дури и додека разговорите во Истанбул беа во тек.
Во судирите наводно биле убиени пет пакистански војници.
Во претходните судири овој месец, во Авганистан беа убиени десетици, а ранети стотици цивили.
Пакистан негира дека гаѓал цивилни цели и тврди дека нападите биле насочени кон милитантите и нивните скривници.
Две соседни земји, како што објаснуваат американските медиуми, со месеци се во жесток безбедносен спор, обвинувајќи се меѓусебно за агресија за време на вооружениот конфликт претходно овој месец, во кој е регистриран најголем број жртви во последните неколку години.
Судирите предизвикаа загриженост во регионот, каде што екстремистичките групи како Ал Каеда се обидуваат повторно да се активираат.
Пакистан го обвинува Авганистан дека не ги спречува милитантите да ја преминат границата и да напаѓаат пакистански цели, додека властите во Кабул, предводени од талибанскиот режим, ги отфрлаат обвинувањата.
