Мислам дека постигнавме суштинска рамка за двајцата лидери кои ќе се сретнат следниот четврток, рече Бесент
Високи економски претставници на Соединетите Американски Држави и Кина постигнаа прелиминарен трговски договор за решавање на спорот за царините, пренесува Ројтерс. Состанокот меѓу американскиот секретар за финансии Скот Бесент и трговскиот претставник Џејмисон Грир со кинескиот вицепремиер Хе Лифенг и главниот трговски преговарач Ли Ченганг се одржа на маргините на самитот во Куала Лумпур, Малезија.
„Мислам дека постигнавме суштинска рамка за двајцата лидери кои ќе се сретнат следниот четврток“,
рече Бесент.
И кинескиот претставник Ли Ченганг потврди дека е постигнат консензус. Според него, преговорите биле интензивни и конструктивни. Договорот мора да помине низ внатрешни процеси на одобрување од двете страни, посочи тој, без да соопшти дополнителни детали.
Во текот на викендот Кина и САД ја одржаа петтата рунда трговски разговори во Малезија со цел решавање на повеќемесечниот конфликт.

Разговорите се фокусираа на повеќе прашања, вклучувајќи ја кинеската контрола на извозот на ретки минерали и метали, како и американските царини за производите кои се увезуваат од Кина.
Американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Ѓинпинг според најавите ќе се сретнат следниот четврток во Јужна Кореја.
