„Овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период. Очигледно е дека е потребно, посебно во тие општини каде не го постигнавме посакуваниот резултат, да продолжиме со интензивна работа“, вели лидерот на опозицијата
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) денеска беше во посета на Општина Аеродром, од каде најави кадровски промени во раководството на партијата по завршување на вториот круг од локалните избори што треба да се одржи следната недела, на 2 ноември.

Според него, тоа се должи на резултатот на изборите во првиот круг, особено во некои скопски општини.
„После ланскиот тежок пораз, после интензивна работа оваа измината година и пол, сега овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период. Очигледно е дека е потребно, посебно во тие општини каде не го постигнавме посакуваниот резултат, да продолжиме со интензивна работа. Во тој контекст, најавувам политичко-кадровски промени во раководството по изборите, за што ќе бидете известени“,
рече тој.
Во општините каде имаат нивни кандидати за градоначалници, како што рече, се соочувале со притосоци пред гласањето, и тоа во вид на финансиски контроли, преку центри за социјална работа, а биле нудени и пари за гласови. Поради тоа, додаде дека работеле во тешки околности.
Посочи дека за сите овие случаи ги известиле надлежните институции.
Филипче од Аеродром ги повика жителите на општината во вториот круг да гласаат за нивниот кандидат за градоначалник Александар Трајановски.
Од ВМРО-ДПМНЕ по завршување на првиот круг од изборите побараа оставка од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по, како што наведуваат, „историскиот дебакл“ што партијата го доживеала на вчерашниот прв круг од локалните избори.
Пред два дека од СДСМ посочија дека владејачката партија е во паника бидејќи тие се на пат да освојат повеќе општини на овие избори отколку што ВМРО-ДПМНЕ успеала да освои на локалните избори во 2017 година.
Изборната кампања во вториот круг од локалните избори, како што соопштија оттаму, ќе ја продолжи со битка за освојување 17 градоначалнички места.
