Уапсените, кои се на возраст од триесет години, се осомничени дека биле дел од четиричлена група која извршила кражба во најпознатиот француски музеј
Двајца мажи се приведени како дел од истрагата за спектакуларната кражба на накит од музејот „Лувр“ во Париз, објавија француските медиуми.
Еден од осомничените е уапсен на аеродромот „Шарл де Гол“, во близина на Париз, подготвувајќи се да полета за странство.
Вториот осомничен е уапсен кратко потоа во предградие на Париз.

Двајца мажи се во притвор под обвинение за кражба, како дел од вооружена банда и злосторничко здружение.
Уапсените, на возраст од триесет години, се осомничени дека биле дел од четиричлена група која извршила кражба во најпознатиот француски музеј.
Користејќи камион со кран, крадците облечени во жолти елеци и со мотоциклистички шлемови скршиле прозорец што водел кон галеријата „Аполон“, каде што се изложени француските скапоцености.
Украле накит што некогаш им припаѓал на француските владетели, вклучувајќи ја и царицата Евгенија, сопруга на Наполеон Трети.
На случајот работат повеќе од 100 детективи, а истрагата ја води Бригадата за сузбивање на криминалот во соработка со Централната канцеларија за борба против трговијата со културни добра.
Сомнежите за помош од вработените во музејот се поттикнати од изјавата на директорот на „Лувр“, Лоренс де Кар, кој пред францускиот Сенат рече дека ниедна безбедносна камера не го следела балконот на вториот кат, точно таму каде што влегле крадците.
Париската обвинителка Лор Бекуо потврди дека се земени повеќе од 150 примероци од ДНК, отпечатоци од прсти и други траги.
