Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека најголемиот проблем е како да се гарантира дека готовината ќе биде достапна веднаш ако нешто тргне наопаку
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вели дека ЕУ е посветена на решавање на итните финансиски потреби на Украина во следните две години, вклучително и поддршка за нејзините воени и одбранбени напори

Лидерите на ЕУ се согласија да помогнат во поддршката на финансиските потреби на Украина во следните две години, но не ослободија милијарди евра замрзнати руски пари за да помогнат во финансирањето на одбраната на земјата, пишува Би-би-си.
Одлуката за користење на 140 милијарди евра руски средства што се чуваат во белгиска клириншка куќа беше одложена до декември откако Белгија изрази загриженост.
Белгискиот премиер Барт де Вевер рече дека најголемиот проблем е како да се гарантира дека готовината ќе биде достапна веднаш ако нешто тргне наопаку.
Тој при пристигнувањето на Самитот рече дека ќе се спротивстави на планот без гаранции дека остатокот од ЕУ ќе ги покрие трошоците ако Русија дојде да ги бара нејзините пари.
„Ако сакате да го направите ова, ќе мора да го направиме сите заедно. Сакаме гаранции дека секоја земја членка ќе придонесе доколку парите треба да се вратат. Последиците не можат да бидат само за Белгија“,
рече тој.
Средбата во Брисел се одржа пред денешниот самит во Лондон, каде што премиерот Кир Стармер ќе ги повика европските лидери да ги зголемат испораките на ракети со долг дострел за Киев.
Европските министри разговараа во Брисел за тоа како замрзнати руски пари во вредност од милијарди евра би можеле да ѝ бидат ставени на располагање на Украина како таканаречен „кредит за репарација“.
Тие се согласија да побараат од Европската комисија да презентира „опции за финансиска поддршка“ за Украина, без директно упатување на руските замрзнати средства.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, вели дека ЕУ е посветена на решавање на итните финансиски потреби на Украина во следните две години, вклучително и поддршка за нејзините воени и одбранбени напори.
„Русија треба добро да го земе предвид ова: Украина ќе ги има финансиските ресурси што ѝ се потребни за да се одбрани“,
изјави тој на прес-конференција.
Кошта додаде дека двајцата претседатели на Европската централна банка и на еврогрупата, кои учествувале на состанокот, се согласиле дека заемот за репарации го почитува меѓународното право и дека сите технички прашања можат да се решат.
„Тоа значи дека ова решение е изводливо“,
рече Кошта.
Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, пак, нагласи дека дискусијата на Самитот по ова прашање овозможила да се идентификуваат точките што треба да се доразјаснат, за потоа да се разговара со различните опции како да се реализира целата поддршка за Украина со користење на замрзнатите руски средства.
„Постојат точки што треба да се разјаснат и треба длабински да се нурнеме и да работиме повеќе на нив. Значи, со други зборови, се согласивме за тоа што е заемот за репарација и мора да работиме на тоа како да го овозможиме“,
вели таа.
Кошта потсети и дека лидерите го усвоиле 19. пакет санкции кон Русија, со што, како што рече, ќе се зголеми притисок врз Москва и дополнително ќе ѝ се нанесат штети на руската воена машинерија, а тие се договориле и да ги зајакнат мерките против руската флота во сенка.
„Продолжуваме да ги користиме сите средства што ни се на располагање за да и овозможиме на Украина да биде во позиција на сила ако и кога ќе започнат преговорите со Путин. Се надеваме дека овој момент ќе дојде наскоро. Но, без оглед на околностите, нашата порака е јасна: Европа нема да ја изневери Украина“,
истакна Кошта.
Кошта нагласи и дека лидерите на ЕУ се обврзале дека ќе обезбедат покривање на финансиските потреби на Украина во следните две години, за да ги има потребните ресурси за да продолжи да се брани и да се бори за праведен и траен мир.
„Сега треба да се работи на техничките, правните и финансиските аспекти на поддршката од Европа и ќе се вратиме на ова прашање на декемврискиот Европски совет“,
додаде Кошта.
