Скопје и понатаму тоне во смет. Дел од скопските градоначалници почнаа самостојно, со помош на други општини и приватни компании, да се организираат за да го соберат ѓубрето. Во меѓувреме, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно на социјалните мрежи обвини дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ и на ВЛЕН ги држат скопјани во заложништво со ѓубрето

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, за денеска го свика кризниот штаб со цел да се донесат кризни мерки за сметот.
„Состојбата со сметот во градот, а со тоа и во Општина Центар, е крајно загрижувачка и бара итни и кризни мерки на општинско ниво, откако нема информација дали и кога Градот и ЈП ‘Комунална хигиена’ ќе продолжат со собирањето на сметот“,
соопшти Општината.
Во текот на вчерашниот ден и ноќта, ЈП ПОЦ продолжи со собирање на сметот и се работи во две смени.
„Нашите вредни хигиеничари работат деноноќно за да го расчистат сметот од улиците во Центар. Недозволиво е ова што го прави Јавното комунално претпријатие, пет дена нема поминато да го собере сметот! Има три дена да го исчисти, доколку не постапи, ќе треба да плати казна со глоба од 126 илјади евра. Срамота! Во 21 век, Скопје да изгледа вака!“,
реагираше Герасимовски, кој на Фејсбук објави видео од собирањето на сметот.
И кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, утрово, честитајќи го Денот на македонската револуционерна борба, објави фотографии од акција за чистење на градот.
„Добро утро Скопје, честит празник Македонијо! Додека градските власти спијат, ние од раните утрински часови го чистиме градот. Не смееме да дозволиме нефункционалноста на ЈП ‘Комунална хигиена’ да го загрози здравјето на народот“,
напиша Ѓорѓиевски.
Тој најави дека за неколку дена, по преземањето на функцијата градоначалник, хаосот со отпадот ќе биде минато.
Ѓорѓиевски им се заблагодари на општините Куманово, Кавадарци, Илинден, Зелениково и Сопиште, како и на општествено одговорните компании што помогнале во акцијата за расчистување на улиците на главниот град.
Како што објавивме вчера, и општина Аеродром се организира самостојно за собирање на сметот од контејнерите.
Во собирањето на сметот е вклучена механизација на неколку општини од околината на Скопје, а помагаат и приватни компании. Дел се општествено одговорни компании, а две се фирми ангажирани на тендер за собирање на кабаст отпад, информира в.д. градоначалникот Дејан Митески.
И додека скопските градоначалници самостојно се организираат за да го соберат ѓубрето од улиците, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, повторно на Фејсбук обвини дека ВМРО-ДПМНЕ се обидува да се амнестира за состојбата за работата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Во објавата Арсовска детално ја опиша структурата на надлежностите во претпријатието, нагласувајќи дека Советот на Град Скопје, со мнозинство од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, има конечна надлежност за сите одлуки поврзани со јавните претпријатија, вклучително и „Комунална хигиена“.
„ЈП ‘Комунална хигиена’ е формирано со одлука на Советот на Град Скопје, кој е надлежен за сите согласности и одлуки. Управниот одбор кој управува со претпријатието е составен од членови на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН и е избран од истиот Совет“,
напиша Арсовска.
Таа додаде дека претседателката на Управниот одбор, како што ја нарече, „осудена криминалка за две кривични дела“, е партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, наградена со советничко место во општина Бутел. Според неа, оваа поставеност овозможила политичка блокада на клучните одлуки.
„Функционирањето на секој директор зависи од одлуките на Управниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Кој и да е поставен директор, тој е блокиран и може да спроведува само тоа што тие ќе изгласаат“,
наведува Арсовска.
Арсовска истакна и дека Советот на градот не презел ниту една законска мерка за обезбедување непречено работење на претпријатието, ниту, пак, за разрешување на Управниот и на Надзорниот одбор, и покрај законските можности.
Според неа, политичката одговорност на ВМРО-ДПМНЕ е неспорна, а хаосот со отпадот е резултат на намерна опструкција на одлуки со кои требало да се обезбеди редовно собирање на сметот.
„По логиката на МВРО, утре би требало со полиција да влезат во Народна банка и да поднесат кривична пријава за гувернерот затоа што не презел мерки по закон“,
напиша Арсовска, додавајќи дека законот е јасен и достапен за секој што сака да се информира.
Во врска со проблемот со несобирањето и транспортирањето на комуналниот отпад на територијата на Град Скопје, Владата завчера ги задолжи надлежните инспекторати заедно со Министерството за внатрешни работи (МВР) да почнат координиран вонреден инспекциски надзор за да ја утврдат состојбата со комуналниот отпад, а во насока на преземање соодветни мерки и активности.
Владата, како што се наведува во соопштението, исто така, му укажува на Градот Скопје – Сектор инспекторат, да постапат согласно своите законски надлежности и да го испитаат работењето на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад, кој предизвикува опасност по здравјето на луѓето.
