Ѓорѓиевски најави дека ќе се бара поддршка и од колегите надвор од Скопје за расчистување на метежот и упати апел до раководството на „Дрисла“ да не вршат опструкции при влезот на механизацијата која ќе го транспортира отпадот

Изнаоѓање трајно решение за проблемот со отпадот во Скопје е причина за денешниот состанок на скопските градоначалници во рамките на ЗЕЛС.
Претседателот на ЗЕЛС и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, вели дека причина за состанокот, инициран од градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, е нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена“ и претворањето на Скопје во „една голема депонија“.
„Скопје, за жал, веќе подолг период е претворено во една голема депонија. Општините немаат сопствена механизација, ниту пак ингеренции да ги празнат контејнерите“,
објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој истакна дека градоначалниците од Скопскиот Регион, со поддршка од општествено одговорни компании, во изминатите денови се обидувале да го амортизираат хаосот.
Ѓорѓиевски најави дека ќе се бара поддршка и од колегите надвор од Скопје за расчистување на метежот и упати апел до раководството на „Дрисла“ да не вршат опструкции при влезот на механизацијата која ќе го транспортира отпадот.
Кандидатот за градоначалник на Скопје, кој влегува во вториот круг, повтори дека проблемот ќе биде трајно решен.
„Нашите сограѓани редовно си ги плаќаат сметките, но за жал, услугата од градското претпријатие не ја добиваат. Како што ветив – во првите 72 часа по преземањето на функцијата градоначалник, конечно ќе го исчистиме Скопје и ќе ставиме крај на оваа агонија“,
нагласи Ѓорѓиевски.
Иницијаторот на средбата, Горан Герасимовски, потенцира дека состојбата ги поминала сите граници на нормално живеење.
„Изминатите пет дена немаше воопшто ниту еден камион од комуналното претпријатие на територија на Општина Центар. Ние отстрануваме само смет покрај контејнерите, но немаме ниту ингеренции, ниту механизација да го празниме тоа од контејнерите“,
рече Герасимовски.
Тој додаде дека дополнителен проблем се кучињата скитници кои го разнесуваат ѓубрето, и се надева дека ЈП „Комунална хигиена“ ќе „се освести“ и ќе почне да го собира сметот од улиците во сите општини.