Васко Маглешов е новинар кој го следи ресорот правда. Деновиве пишуваше за изборот на обвинители во Советот на јавни обвинители и беше првиот кој објави за потенцијалниот конфликт на интереси, бидејќи членка на Советот гласала против изборот на обвинителка која води предмет против нејзиниот сопруг- банкар.
„ Во мојот случај имаше суптилни обиди да се влијае, меѓутоа во останатите случаи и кај останатите колеги во медиумите имаше буквално тргање на текстови од веб странците, затоа сум сосема сигурен. Додека ова се случуваше во Јавното обвинителство биле дистрибуирани некакви напатствија за тоа како обвинителите треба да комуницираат со јавноста, односно сите прашања новинарите да ги поставуваат до одделот со односи со јавноста а не до обвинителите директно. – вели Васко Маглешов, новинар во агенцијата „Макфакс“
Тврдењето на Маглешов за притисоци врз медиумите е факт. Страната не е пронајдена … пишува на веб-страницата на еден национален медиум. Пред да биде избришана, на тоа место беше веста дека член на советот за јавни обвинители гласала против избор на обвинителка што го гони нејзиниот сопруг-банкар.
Овие примери се само мал показател за тоа до каде отиде стравот од јавноста кај одредени лица или групи по последниот избор на обвинители во Јавното обвинителство за борба против организиран криминал што го направи Советот на јавни обвинители. Како се случи, уште еден избор на обвинители, повторно да го добие епитетот „контроверзен“.
На 29 ти јануари, Советот на јавни обвинители објави соопштение дека за два дена ќе одржи седница. На дневниот ред треба да се изврши избор на јавни обвинители од огласот објавен во службен весник од 09.01.2018г.
Ако се погледне цитираниот службен весник Огласот се однесува на избор на еден член на Советот на јавни обвинители.
Во закажаниот термин, 31 јануари, се одржува седница која нема врска со избор на нов член на Советот туку се бираат седум обвинители за обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Тој оглас постои но во друг службен весник од друг датум. Меѓу избраните е и Марија Ѓоргева, обвинителка од чии услуги под нејасни околности се откажа Катица Јанева но и обвинителка во роднински врски со претседателот на Советот Коле Штерјев.
„Не можев да ја напуштам седницата бидејќи ќе немаше кворум а гласав воздржано ако е тоа значајно.
Тоа не е судир на интереси?
Тоа не е судир на интереси.“- изјави претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев, во изјава по завршувањето на седницата на 31.01.2018 г.
Следниот ден, на 1 февруари, во јавноста се појавува информацијата дека проблематичен е уште еден момент од изборот. Членката на Советот, Фиданка Рајевска, гласа против изборот на кандидатот Лидија Раичевиќ за позиција во обвинителството за организиран криминал. А Лидија Раичевиќ која во моментот работи во обвинителството за организиран криминал води предмет во врска со НЛБ Банка, во кој сопругот на Рајевска е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување и за перење пари.
Истиот ден, порталот СДК.мк објави став и на првиот човек на Советот, Коле Штерјев и на шефот на републичкото обвинителство Љубомир Јовевски кој е член на Советот по функција. Овие изјави се однесуваат само на изборот на внуката на Штерјев.
„Во Законот за Советот на јавни обвинители не пишува дека треба во ваков случај член на Советот да се изземе. Каде пишува дека требало да се изземам.“- вели Коле Штерјев во изјавата за СДК.мк на 01.02.2018 г.
Но, јавниот обвинител на Република Македонија вели дека Штерјев требало да постапи поинаку.
„Сепак, сметам дека требаше да се изземе во ваков случај, кога на огласот беше пријавена неговата внука.“- вели јавниот обвинител Љубомир Јовевски за истиот портал.
Веќе следниот ден, петок 2-ри февруари, и Јовевски и Штерјев објавија соопштенија. Јавниот обвинител на Република Македонија веќе не спомнува дека Штерјев требало да се изземе. Но, не вели и дека не требало. Наместо коментар на постапките на другите, во соопштението говори дека тој како член постапил законски, водејќи се според стручноста на кандидатите без намера некој да биде унапреден а некој друг отстранет.
Претседателот на Советот достави подетален одговор, во кој повторно тврди дека не требало да се изземе. Овој пат не се повикува на Законот за советот за јавни обвинители туку на Законот за спречување на судир на интереси, каде е дефинирано што е „блиско лице“.
„ Во наведената одредба како блиски лица таксативно се наведени степените на сродство по крв по права линија, во странична линија до четврти степен и по сватовство до втор степен. Роднинските релации меѓу мене и кандидатот не влегуваат во наведените степени на сродство. “ – вели Штерјев во дел од соопштението.
Во дописот до јавноста го оправда и гласањето против обвинителката Лидија Раиќевиќ.
„Информациите за тоа по кои предмети постапувала обвинителката Раиќевиќ ниту мене ниту на членовите на Советот не можат да ни се познати. Имено, Советот доаѓа до сознанија за предметното постапување на обвинителите само по поднесена претставка.“
Но, истиот закон за спречување на судир на интереси, на кој Штерјев се повика дека немал судир на интереси, во член 12 вели дека кога службено лице ќе дознае за околности што укажуваат на постоење судир на интереси, должно е веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување. А во член 13 се вели дека дури и ако постои само приватен интерес, службеното лице мора да го пријави. Во спротивно прави повреда на должноста.
360 Степени праша, но не доби одговор од Советот, дали било кој од членовите пријавил судир на интереси или приватен интерес пред гласањето и дали тоа е ставено на записник. Според писмената изјава на Штерјев, тој не пријавил бидејќи смета дека нема судир на интереси. Од истата изјава се подразбира дека и неговата колешка Рајевска не кажала ништо.
Според новинарот Васко Маглешов, брзањето да се изберат нови обвинители во обвинителството за организиран криминал по цена и на судир на интереси, може да има и друга позадина.
Обвинителката Лидија Раичевиќ, според сознанијата кои јас ги имам работи на истраги за финансиски криминал, за крупен финансиски криминал во дел од македонските комерцијални банки коишто имаат висока репутација. Станува збор за предистрага… Според моите информации биле сослушани и одредени директори на банки коишто се инволвирани во овој случај и практично пред истрагата дошла до степен да стане истрага. Дали тоа е причината поради која што условно речено не била избрана повторно обвинителството за организиран криминал и корупција јас лично не знам, меѓутоа сомнежот останува отворен.- вели Маглешов
Но, она што се знае е судбината на предметите кои досега ги водела обвинителката Лидија Раичевиќ.
„Тие предмети ќе ги земат нови јавни обвинители кои што се нели веќе избрани од советот на јавни обвинители. Колку што се сеќавам беа избрани четворица нови во тоа одделение, претпоставувам дека некој од нив ќе добие а обвинителката останува и без истрагата за НЛБ Банка која беше отворена кон средината на 2017-тата година и секако без пред истрагата по оној предмет во којшто се инкорпорирани поголем број на комерцијални банки во земјава.“- изјави новинарот Васко Маглешов.
Текстовите на Маглешов и на другите новинари беа причина за случајот да се заинтересира и државна институција. Гласот на медиумите допре до, со години „немата“, антикорупциска комисија.
„Државната комисија за спречување на корупцијата… донесе заклучок да се отворат два предмети од областа на судир на интереси и да се пристапи кон прибирање на релевантна документација од институциите со цел утврдување на фактичката состојба, врз основа на кои ќе може да донесе конечен заклучок за постоење или непостоење на судир на интереси.“- велат од Државната комисија за спречување на корупцијата.
Колку време ќе и треба на Антикорупциската комисија за да донесе заклучок ќе зависи од повеќе фактори, меѓу кои е и брзината со која Советот ќе ја обезбеди релевантната документација. Дотогаш изборот на Советот останува на сила, а со него и контроверзиите што ги отвори.
Напишете коментар