Испишано ново поглавје во неврохирургијата – порача министерот за здравство Азир Алиу, наведувајќи дека на операцијата ѝ претходеле подготовки со тим на експерти од Бразил
Министерот за здравство Азир Алиу информира дека на Клиниката за неврохирургија минатата недела по првпат е изведена операција на мозок со помош на системот за стереотаксија. Операцијата е изведена од страна на неврохирурзите Роберт Шумковски, Ивица Коцевски и Љуљзим Агаи и анестезиологот Радмила Панговска.

„Големо е задоволството кога имаме развој во јавните здравствени установи преку воведување нови методи. Станува збор за минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа“,
вели министерот за здравство Азир Алиу, додавајќи дека е испишано ново поглавје во неврохирургијата.
Од Здравство велат дека на операцијата ѝ претходеле подготовки со тим на експерти од Бразил.
„Посебна благодарност до тимот од неврохируршките сали и од одделот за континуираната поддршка во тек на работниот процес, како и до Клиниката за радиологија, за безрезервната и трпеливата поддршка во процесот на организација на работниот процес. Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невродегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти согласно досегашната пракса се упатуваа на лекување во странство“,
вели докторот Љуљзим Агаи, директор на Клиниката за неврохирургија, кој е дел од тимот.