Од владејачката партија велат дека се потребни оставка на лидерот на СДСМ и итни реформи во партијата бидејќи на власта ѝ е потребна опозиција што ќе биде нејзин коректив, а не опозиција водена од човек без кредибилитет
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска излезе со оценка дека е апсолутен победник на локалните избори што се одржаа во неделата, со победи на нивните кандидати за градоначалници во 33 општини и освоени 550 места во општински совети.

За разлика од нивниот, како што велат, историски резултат, опозицискиот Социјалдемократски сојуз на овие локални избори доживеал дебакл со освоени 230 советнички места, или два и пол пати помалку од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие избори. Со 50% подобар резултат од 2021 година, кога имавме 22 градоначалници во прв круг, сега во прв круг доби градоначалници во 33 општини“,
се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму ја посочуваат победата во Струмица или, како што го нарекуваат, „бастионот на СДС“, каде граѓаните, како што наведуваат, одлучиле „да им кажат збогум“ на лошите локални политики на поранешниот лидер на СДСМ, експремиер на државата и поранешен градоначалник на општината, Зоран Заев и на „неговите марионети“.
„Делчево, Берово и Старо Нагоричане се општини каде што локалната власт ја водеше СДС и каде што граѓаните ги испратија ’во пензија’ кадрите на ‘дуото Заев–Филипче’“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму упатуваат критики до актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, нарекувајќи го „клон на Заев“, кој го руинирал Социјалдемократскиот сојуз и е виновен за историскиот дебакл на „некогаш големиот СДС“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, дебаклот на нивниот политички опонент на локалните избори е знак дека „СДС тоне во нивната ароганција, аздисаност и водење политики спротивни на интересите на народот“.
„На локалните избори СДС освои околу 126 илјади гласови на советничките листи, што претставува убедливо најлош резултат во историјата. Или во број на советници, СДС има 230, што е за 2,5 пати помалку од ВМРО-ДПМНЕ. Споредбено со 2021 година, СДС имаат загубено околу 110 илјади гласови, а приближно 170 советнички места“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека за „трагедијата“ да биде уште поголема, говори и тоа што на неколку места СДСМ е трета, четврта или дури петта партија, според бројот на освоени гласови за градоначалници и за советници.
Таков, како што наведуваат, е случајот во Битола, Брвеница, Бутел, Дебарца, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Брод, Могила, Долнени, Куманово, Шуто Оризари и Градот Скопје.
Затоа, според владејачката партија, потребна е оставка на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, и итни реформи во партијата бидејќи, како што додаваат, на ВМРО-ДПМНЕ ѝ е потребна „опозиција што ќе биде коректив, а не опозиција водена од човек без кредибилитет“.
Инаку, своите ставови и оценки, во кои се осврнуваат на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ утрово ќе сподели преку две одделни соопштенија.
Осврнувајќи се на конкретните бројки и проценти, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на овие избори освоиле околу 325 000 гласа за градоначалници, а за советничките листи приближно 302 000 гласа.
„Споредбено со 2021 година и локалните избори, очигледен е растот на гласовите“,
велат од владејачката партија.
Како што наведуваат оттаму, кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници победија во првиот круг во општините: Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Ѓорче Петров, Градско, Делчево, Демир Хисар, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица и Штип.
Во однос на вториот круг оттаму велат дека водат во: Валандово, Дојран, Конче, Демир Капија, Неготино, Виница, Зрновци, Македонска Каменица, Кочани, Чешиново-Облешево, Пробиштип, Ранковце, Карпош, Аеродром, Брвеница, Македонски Брод, Кичево, Дебрца, Могила и Градот Скопје.
Во овој контекст, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека нивниот кандидат за градоначалник на Скопје води со три спрема еден во однос на кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кој се избори за битка во вториот круг од изборите за градоначалник.
„Оваа историска победа и доверба од граѓаните за ВМРО-ДПМНЕ и за избраните градоначалници и советници, претставува чест, но и обврска да продолжи посветената работа за развој и напредок на Македонија“,
велат од владејачката партија.