Ја повика „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), да излезе и да го признае изборниот пораз
ВЛЕН е победник на овие локални избори и е втората политичка сила во државата. Ова на вечерашната прес-конференција го соопшти Башким Бакиу, кој беше кандидат за градоначалник на главниот град од ВЛЕН, а на која присуствуваа и лидерите на четирите политички субјекти кои се дел од оваа коалиција.

„Тука сме да го оцениме изборниот процес и да ги пренесеме нашите политички пораки во однос на овие избори. Вчерашните избори поминаа во фер и демократска атмосфера, а секој граѓанин можеше слободно и без пречки да ја изрази својата политички волја. Ова е заслуга на Државната изборна комисија (ДИК), но и на безбедносните органи и на оваа владина гарнитура, кои обезбедија изборниот процес да помине речиси без ниту еден инцидент. Ова е можеби единствен случај на таква организација во нашата земја“,
кажа тој.
Посочи дека ВЛЕН е победник во пет општини во првиот круг, во шест општини оди во втор круг и, како што додаде, коалицијата е победник во трката за градоначалник и советници во Градот Скопје.
„Убедливо победивме уште во првиот круг во Чаир, Арачиново, Сарај, Желино, Теарце, додека како победници одиме во втор круг во Тетово, Боговиње, Дебар, Струга, Долнени, а во Брвеница ќе бидеме во трка како втори. За жал, во општините Гостивар и Врапчиште не е постигнат потребниот цензус, според одредбите на Изборниот законик, па за епилогот од процесот во овие две општини ќе се изјасни Државната изборна комисија“,
рече Бакиу.
Нивниот опонент, коалицијата „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), како што кажа, победила во Пласница и во Липково, а во втор круг оди во Струга, Кичево и Боговиње.
Во Општина Чашка, како што додаде, ВЛЕН воопшто не учествуваше.
„Таму трката се водеше под логото на НАИ. Немавме свој кандидат и листа со цел да не ја загрозиме победата на кандидатот Албанец. Му честитаме на Суад Шаќири и на Албанците во овој регион“,
вели тој.
На ДУИ ѝ порача дека треба да се реформира, а на нејзиниот лидер Али Ахмети да се повлече од лидерската позиција.
Како што рече, би било добро од НАИ да излезе и да го признае изборниот пораз.
„Нашите политички противници изјавија дека критериум за проценка на победникот ќе биде победникот во Чаир, со победата на Изет Меџити, но и со голема предност од околу 4 000 гласа во Тетово, ВЛЕН е апсолутен победник на овие избори“,
кажа Бакиу.
Граѓаните, како што посочи, докажаа дека ги прифатиле политиките на ВЛЕН и нивната изборна понуда.
„Ја делегитимиравме фрустрираната и навредлива политика на нашите противници“,
рече тој на крајот од прес-конференцијата.