Ѓорѓиевски рече дека е отворена вратата за соработка и кон граѓаните кои не гласале за него или гласале за други кандидати, повикувајќи ги да се обединат околу визијата за „подобро Скопје за сите“

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој вчера освои најмногу гласови во првиот круг од локалните избори, вели дека резултатот е јасен и недвосмислен оценувајќи дека скопјани гласале за работа.
„Резултатот е јасен и недвосмислен, Скопје гласаше за работа. Скопје гласаше за визија, за конкретни проекти и за одговорно работење. Скопје избра иднина“,
рече Ѓорѓиевски на денешната прес-конференција, на која им се заблагодари на граѓаните за огромната доверба.
Тој нагласи дека ова не е негова лична победа, туку „победа на сите вас кои верувате во развиено, европско и функционално Скопје“.
Ѓорѓиевски, кој иако освои најмногу гласови во првиот круг, сепак бројот не надмина 50 отсто плус еден глас и тој во вториот круг ќе оди заедно со Амар Мециновиќ од Левица.
Тој повика на максимална мобилизација за вториот круг.
„Првото полувреме го добивме убедливо, со огромна поддршка, но натпреварот сè уште не е завршен. Работата мора да ја довршиме“,
рече тој најавувајќи уште посилно темпо и теренска работа во наредните две недели.
Ѓорѓиевски рече дека е отворена вратата за соработка и кон граѓаните што не гласале за него или гласале за други кандидати, повикувајќи ги да се обединат околу визијата за „подобро Скопје за сите“.
Тој, исто така, најави дека веќе од денеска ќе разговара со сите кандидати и политички структури кои не влегле во вториот круг, нудејќи соработка и велејќи дека на Скопје му е потребна работа, не политика.
„Тимот кој ќе го води Скопје ќе биде составен од најдобрите. Овој град изгуби премногу време во експерименти. Доста е. Да засукаме ракавите и да покажеме дека треба работа“,
рече Ѓорѓиевски повикувајќи ги граѓаните уште помасовно да излезат во вториот круг за да ја „запечатат конечната победа“.
На новинарски прашања дали очекува поддршка од СДСМ и од ДУИ во вториот круг, тој одговори дека очекува да го поддржат сите граѓани на главниот град.
„Не водам политика. Јас сум работник и сум човек од народот и затоа на целиот народ во Скопје му нудам подадена рака“,
одговори тој додавајќи дека му се важни сите граѓани и најавувајќи рамномерен развој на градот.