Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да си поднесе оставка бидејќи, како што кажа, тоа би бил најморалниот чин што може да го направи човек по таков изборен пораз
Со задоволство можам да кажам дека Македонија е обоена во црвено бидејќи ВМРО-ДПМНЕ ја има убедливо најголемата победа на локални избори кога било видена досега во Македонија, а резултатот што го направивме вчера е навистина историски. Ова денеска го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на прес-конференција, на која, како што кажа, направи рефлексија на првиот круг од локалните избори и ги сподели своите и очекувањата на партијата за вториот круг, кога треба да бидат познати имињата на градоначалниците во уште 33 општини и Градот Скопје.

Заблагодарувајќи се на сите што ја поддржале ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата предводена од неа, Николоски кажа дека вчерашниот историски резултат претставува огромен мотив за работа, како на Владата, така и во општините.
„Ова е историски резултат затоа што е за 50 проценти подобар од оној што го имавме во 2021 година, кога во 22 општини добивме градоначалник во првиот круг. Сега добивме и градоначалници и во места кои до вчера беа, условно кажано, предводени од СДСМ, односно во коишто бевме опозиција“,
рече Николоски.
Тој особено се осврна на победата на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица, општина во која, како што кажа, ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник по 20 години.
„И не само тоа, туку ќе имаме мнозинство и во советот, а разликата е толку голема што е досега нешто невидено на избори во Струмица“,
додаде тој.
Николоски ги наброја општините во кои ВМРО-ДПМНЕ победи во првиот круг, а потоа се осврна на битките што претстојат во вториот круг, а кои, според него, тие лесно ќе ги добијат бидејќи предноста што ја имаат од вториот круг е многу голема.
Тоа, рече Николоски, е случај и за Градот Скопје, каде нивниот кандидат води со 3 спрема еден во однос на кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, кој влезе во вториот круг.
„Скопје гласаше за Орце Ѓорѓиевски и јасно што Скопје сака. Орце води со повеќе од 3:1 во однос на второпласираниот кандидат. Повеќе од 3:1 е јасно позиционирање и јасен став што Скопје сака и дека Орце Ѓорѓиевски е изборот и во вториот круг ќе ја зацементираме оваа голема победа“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како карактеристично за овие избори тој го издвои и тоа што СДСМ сега е петта политичка партија во Скопје, што според него јасно ја „покажува волјата на граѓаните и јасната доминација на ВМРО-ДПМНЕ во главниот град“.
Во овој контекст, тој го критикуваше актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, и екслидерот на партијата и поранешен премиер, Зоран Заев, за кои рече дека народот им испратил јасна порака.
Во таа насока, тој го повика лидерот на СДСМ, Филипче, да си поднесе оставка бидејќи тоа би бил најморалниот чин што може да го направи човек по таков пораз.
„Граѓаните јасно кажаа дека е доста од двоецот Зоран Заев/Венко Филипче“,
рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој ја критикуваше и Демократската унија за интеграција, за која рече дека исто така била декласирана на овие локални избори.
„Тие изгубија катастрофално и народот им кажа што мисли за нив и за нивната деструктивна и криминална политика. Не може криминалот да се брани со историски приказни, со измислен наратив и со национална поларизација и затоа порака до Али Ахмети и ДУИ беше многу јасна на вчерашните избори. Во вториот изборен круг очекуваме уште една голема победа, а потоа силна работа за оправдување на довербата што ја добивме од граѓаните“,
рече Николоски.
Прашан како ја коментира разликата меѓу гласовите добиени на ланските парламентарни избори, кои беа повеќе, со бројот на гласови добиени на овие избори, Николоски рече:
„Локални се мерат со локални, парламентарни со парламентарни, претседателски со претседателски , така се прават споредбите“,
кажа тој.
За излезеноста оцени дека е „некаде слична со локалните избори во 2021 година“.

Николоски беше прашан и дали очекува поддршка од СДСМ и од ДУИ во вториот круг од локалните избори, конкретно за Градот Скопје и за општина Карпош, каде нивните кандидати, како што гласеше прашањето, се соочуваат со противикандидати од кои едниот – Стевчо Јакимовски е на „црната листа“ на САД, додека другиот, Мециновиќ, доаѓа од партија со отворена антизападна провениенција.
„Точна ви е констатацијата, во Карпош противкандидатот е на ‘црната листа’ на САД и да не заборавиме дека е веќе осуден од Основниот суд за криминал во општината. Затоа сум убеден дека во Карпош имаме убедлива победа… Во однос на политичката партија Левица, јасна е нивната ориентација, таа е спротивна на геостратешките определби и заложби на Македонија, што мислам дека е на огромна штета на Македонија затоа што македонскиот народ секогаш страдал кога правел погрешни геостратешки избори. Сега имаме правилен геостратешки избор. Ние сме стратешки партнери со САД, а од мај месец оваа година и со Велика Британија, со двете најмоќни светски сили имаме стратешки партнерства, членка сме на НАТО, сакаме да бидеме членка на Европската Унија, но тоа, за жал, не зависи само од нас… Така што, убеден сум дека и Скопје ќе го направи правилниот избор, а самото тоа што Орце Ѓорѓиевски води со 3:1 во Скопје, јасно е што ќе се случи во вториот круг за избор на градоначалник на Скопје“,
рече Николоски.
Во однос на тоа дали очекува поддршка од СДСМ и од ДУИ, кои важат за едни од најпрозападните партии, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа оти смета дека и двете партии се во таква ситуација и со такви проблеми што повеќе ќе се занимаваат со себе, а не со поддршки на други.
„Фер е да ги прашаме ДУИ дали и јавно ќе потврдат дека имаат договор со Левица да ги поддржат во Скопје, а овие за возврат да извадат кандидати за градоначалници во Струга, во Гостивар, во Тетово итн., но таа тактика им пропадна со вчерашните избори. Нашите партнери се јасни, а тоа се коалициите ВЛЕН и ЗНАМ на Максим Димитриевски, и остануваме со нив“,
подвлече Николоски.