Најмногу советници во 23-члениот Совет на Општина Струга, според резултатите од вчерашните избори, има освоено коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ – вкупно осум. Следуваат коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со освоени шест советнички мандати и ВЛЕН со четворица советници
Во Општина Струга ќе има втор круг избори за градоначалник.

Во финалната трка влегуваат независниот кандидат Менди Ќура, кој е поддржан од владејачките ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ, и кандидатот Арсим Далипи од „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ.
Според сто отсто обработени податоци од првиот изборен круг, Ќура има освоено 37,71 отсто односно 9 934 гласа, а Далипи освоил 36,90 проценти од гласовите или во апсолутни бројки 9 719.
За градоначалничка на Струга трчаше и кандидатката на Левица, Јована Мојсоска. Таа освои 10,66 отсто, односно 2 809 гласа. Останатите кандидати за градоначалник на Струга, од кои четири независни и по еден од Работничка партија и од партијата Демократи Скопје, освоија по помалку од 1 000 гласа.
Од вкупниот број избирачи кои гласале, неважечки се 1 394 од ливчињата за градоначалник.
Коалицијата на ДУИ со мнозинство во советот
Најмногу советници во 23-члениот Совет на Општина Струга, според резултатите од вчерашните избори, има освоено коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ – вкупно осум. Следуваат коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со освоени шест советнички мандати и ВЛЕН со четворица советници.
Три советнички места има независната кандидатска листа на Анела Ќазимоски, а СДСМ и Левица ќе бидат претставени со по еден советник во Општина Струга.