На овие избори, во Чаир немаше кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите поголеми партии, ниту, пак, од другите помали етнички заедници. Тоа значи дека гласачите на тие партии бираа меѓу Изет Меџити, Бујар Османи и третиот кандидат за градоначалник, Колевски, од Работничката партија. Тој освои 698 гласа
Според последниот попис на населението, во Чаир околу 67,4% од населението се Албанци, 8,6% се Македонци, 6,7% се Турци, 4% Бошњаци, а останатите се други етнички заедници. За околу 10% нема информација за етничката припадност, бидејќи податоците биле собрани административно

Чаир е една од скопските општини каде во вчерашниот прв круг од локалните избори беше избран градоначалник. Таму во борбата беа поранешните партиски другари од ДУИ, сегашниот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити од ВЛЕН и поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ.
Според податоците објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК), обработени се 100 отсто од избирачките места. Бројките покажуваат дека Изет Меџити од коалицијата ВЛЕН добил 51,82 отсто од гласовите или 15 733 гласа. Бујар Османи, пак, како кандидат на „Националната алијанса за интеграција“ (НАИ), коалиција предводена од ДУИ, има освоено 40,39 отсто или 12 264 гласа.
Меџити уште синоќа прогласи победа во првиот круг од изборите, а Османи му честита на својот противкандидат од ВЛЕН и најави дека за следните политички чекори ќе ја информира јавноста наредните денови.
Но, ако се споредат бројот на гласовите кои ги добиле Изет Меџити и Бујар Османи, со бројот на гласови кои ги добиле коалициите што ги предложиле, евидентно е дека кандидатите за градоначалник повлекле повеќе гласови отколку листите за советници.
Кога е во прашање коалицијата ВЛЕН, во апсолутни бројки, таа освои 13 477 гласа или 44,39 отсто од гласовите. Тоа значи дека Изет Меџити добил 2 256 гласови повеќе, поддршка која веројатно ја добил од гласачи на други партии или коалиции што имаат советнички листи во Чаир, но не и кандидат за градоначалник.
број на гласови | процент на освоени гласови | |
Изет Меџити | 15 733 | 51,82% |
Советничка листа на ВЛЕН | 13 477 | 44,39% |
Национална алијанса за интеграција – НАИ, предводена од ДУИ, освои 10 356 гласа на советничките листи, што значи дека нивниот кандидат за градоначалник, Бујар Османи, привлекол 1 908 гласа од гласачите на други листи.
број на гласови | процент на освоени гласови | |
Бујар Османи | 12 264 | 40,39% |
Советничка листа на НАИ | 10 356 | 34,11% |
Резултатите за советнички листи покажуваат и дека ВЛЕН веќе има мнозинство во Советот на Општина Чаир. Ако нема измени по евентуални приговори, коалицијата освојува 14 места во советот кој брои 27. НАИ, пак, освојува 11 мандати, а ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците по едно место.
На републичко ниво, според податоците на ДИК, најмногу гласови на советничките листи вчера освои ВМРО-ДПМНЕ. Втори се СДСМ, а по нив следат НАИ, ВЛЕН, Левица и ЗНАМ.