Најмногу гласови во Советот на Град Скопје освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, (35,15 отсто), на второ место е Левица (11,83 отсто), на трето е коалицијата ВЛЕН (11,77 отсто), на четврто коалицијата предводена од ДУИ (11,64 отсто), а петти е СДСМ со коалицијата (10,56 отсто)
Кандидадот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, и актуелниот пратеник на Левица во Собранието, Амар Мециновиќ, одат во вториот круг за избор на градоначалник на Град Скопје, што ќе се одржи на 2 ноември.

Кандидатката на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, не успеа да влезе во трката за престижната функција и, според првичните резултати во првиот круг, заврши четврта, меѓу 16 кандидати кои се тркаа за прв човек на главниот град.
Според последните ажурирани податоци на Државната изборна комисија, објавени утрово во 7 часот на нивната веб-страница, од обработени 100 отсто од избирачките места во главниот град, Ѓорѓиевски е прв со освоени 39,43 отсто од гласовите на скопјани или 91 582 гласа, додека кандидатот на Левица, Мециновиќ, има освоено 13,20 отсто од гласовите или во апсолутни бројки, 30 659.
На трето место е кандидатот на коалицијата ВЛЕН, Башким Бакиу, со освоени 12 отсто гласови или 27 864, додека кандидатката на опозициската СДСМ, Каја Шукова, според првичните неофицијални резултати доби 26 714 гласа или 11,50 отсто.
Со освоени 652 гласа помалку, односно 26 062 на петтото место зад Шукова заврши кандидатот на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, Скендер Реџепи. Изразено во проценти, тој на вчерашните локални избори, во трката за градоначалник на Скопје има освоено 11,22 отсто од гласовите.
Најмногу гласови во Советот на Град Скопје освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ (35,15 отсто), на второ место е Левица (11,83 отсто), на трето е коалицијата ВЛЕН (11,77 отсто), на четврто коалицијата предводена од ДУИ (11,64 отсто), а петти е СДСМ со коалицијата (10,56 отсто).

Податоците се врз основа на обработени 100 отсто од избирачките места, а објавени утрово на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).