Како што соопшти АВМУ, одлуката е донесена врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) поведе прекршочни постапки против телевизиите ТВ Компани 21-М и ТВ Шутел поради прекршување на изборниот молк во првиот круг од локалните избори.
Како што соопшти АВМУ, одлуката е донесена врз основа на извештаи од извршен мониторинг над изборното медиумско претставување.
ТВ Компани 21-М, како што велат од АВМУ, вчера на првиот ден од изборниот молк емитувала реприза на посебната информативна програма „Клик плус – Изборни дебати“.
„Реализирана како дебата во која учествуваат тројца кандидати за градоначалник на Општина Центар, односно емитуваше информации и аудиовизуелни материјали во кои учествуваат учесници во изборите“,
се вели во соопштението од Агенцијата.
За ТВ Шутел, пак, од АВМУ велат дека е поведена прекршочна постапка бидејќи за време на двата дена од изборниот молк, вчера и денеска, емитувала музички спот и документарна емисија во кои се појавува кандидат за градоначалник на Општина Шуто Оризари, со што исто така емитувала материјали со учесници во изборите.