Станува збор за бројки и проценти добиени врз основа на податоците што пристигнале од 76,91 отсто од избирачките места, односно од 2 672, каде што се запишани вкупно 1 394 158 граѓани со право на глас, рече претседателот на ДИК, Борис Кондарко
Според овие податоци, најголема излезеност има во Пробиштип – 6,64 проценти, а најмала во Врапчиште – 0,87 проценти
Излезеноста на граѓаните на денешните локални избори до 9:15 часот изнесува точно три проценти, или во апсолутни бројки до тој момент на гласање излегле 41 890 граѓани, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција.

Споделувајќи податоците за излезеноста по нешто повеќе од два часа од отворањето на избирачките места, претседателот на ДИК, Борис Кондарко, рече дека станува збор за бројки и проценти добиени врз основа на податоците што пристигнале од 76,91 отсто од избирачките места, односно од 2 672, каде што се запишани вкупно 1 394 158 граѓани со право на глас.
„Вкупниот процент на избирачи кои до гласале во овие речиси 77 проценти од избирачките места од кои се пристигнати податоците изнесува точно три проценти на ниво на државата“,
рече Кондарко додавајќи дека одзивот на граѓаните за сите 80 општини и Градот Скопје ќе биде објавен на веб-страницата на ДИК.

Во таа насока, тој ги издвои, како што кажа, општините што се покарактеристични според излезеноста.
Податоците претседателот на ДИК ги соопшти во проценти, а според нив до 9:15 часот, најголема излезеност има во Пробиштип – 6,64 проценти, потоа Лозово – 6,36 проценти, Градско 5,61 проценти, Зелениково 5,62 проценти; Ново Село 5,50, Демир Капија – 5,37 проценти, Кратово – 5,13 проценти; Дојран – 5,06 проценти, Вевчани – 5,02 проценти, Богданци – 4,68 проценти и Гевгелија 4,30 проценти.

Меѓу општините со најмала излезеност до 9:15 часот се Врапчиште со 0,87 проценти, Боговиње – 1,29 проценти, Гостивар 1,71 проценти; Студеничани – 1,85 проценти, Теарце 1,90 проценти и Куманово – 1,91 процент.
Од поголемите општини во Битола излезеноста до 9,15 часот е 3,38 проценти; Охрид 2,82; Прилеп 3,41; Струмица 3,92; Центар 2,84; Штип 3 проценти и Шуто Оризари 2,17.
Претседателот на Државната изборна комисија рече дека сите избирачки места, согласно процедурите на ДИК, утрово се отворени навреме и гласањето се одвива без никакви проблеми.
„Ние во ДИК досега немаме јавувања за било какви потешкотии или проблеми за текот на гласањето на ниту едно избирачко место и од ниту една општинска изборна комисија“,
рече Кондарко.