Запрашан дали пред објавувањето на средбата со Путин во Будимпешта, Трамп за тоа разговарал со претставници на ЕУ, Гил одговори дека не би можел да каже дали имало некакви контакти конкретно за оваа средба, но дека Фон дер Лајен е во постојани контакти со сите лидери во напорите за ставање крај на војната во Украина
Европската комисија ги поддржува сите напори за постигнување праведен и траен мир за Украина и доколку служи за таа цел ја поздравува и предложената средба меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин во Будимпешта, изјави денеска заменикот на главниот портпарол на ЕК, Олоф Гил.

„Нашиот општ став за Украина е непроменет и добро познат. Од гледна точка на Европската комисија и на претседателката Урсула фон дер Лајен, добредојдена е секоја средба што би го придвижила процесот за постигнување траен мир во Украина“,
рече Гил.
Тој додаде дека ЕУ повеќепати повторила дека одамна е веќе време Русија да ја запре бесмислената и илегална агресивна војна против Украина.
„Ние како ЕУ ги преземаме сите можни мерки за да ја поддржиме Украина за да може да ја води својата војна. Во тој контекст, Комисијата го презентираше 19. пакет санкции, дизајниран да го зголеми притисокот врз Русија и да ја охрабри да седне на преговарачката маса“,
истакна Гил.
Запрашан дали пред објавувањето на средбата со Путин во Будимпешта, Трамп за тоа разговарал со претставници на ЕУ, Гил одговори дека не би можел да каже дали имало некакви контакти конкретно за оваа средба, но дека Фон дер Лајен е во постојани контакти со сите лидери во напорите за ставање крај на војната во Украина.
„Доколку оваа средба, која, колку што сфатив, сè уште не е потврдена и за која сè уште немаме никакви детали, служи за таа цел, би ја поздравиле“,
рече Гил додавајќи дека ЕУ ги поддржува напорите на претседателот Трамп и на оние лидери од ЕУ што се ангажираат со него и неговата администрација за постигнување на траен мир во Украина.