„Ќе се видиме во вториот круг“ – рече кандидатката за градоначалничка од СДСМ и на противкандидатите им порача сите заедно да придонесат недела да биде празник на демократијата, слободата на одлучувањето и почитувањето на волјата на граѓаните
Скопје е нашиот дом и време е да се избориме за него – порача кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова, на последниот ден од кампањата за првиот круг од локалните избори што ќе се одржат в недела. Ги повика граѓаните да излезат и да гласаат бидејќи само на тој начин, како што рече, може да ги променат состојбите во Скопје и да го спасат главниот град по четири години уништување.

„Нашиот град не може да издржи уште четири години уништување, импровизации, партиски бизниси и некомпетентност. Во недела, со срце и разум гласајте за единствената конкретна програма и понуда. Гласајте за вашиот дом“,
порача Шукова на денешната прес-конференција.
Кандидатката за градоначалничка од редовите на СДСМ направи куса рекапитулација на проектите и решенијата што ги најави во текот на кампањата велејќи дека има план како да направи Скопје да живее подобро.
„Нашиот план е јасен – повеќе зелени површини, нови паркови и ботаничка градина, чист Вардар и безбеден сообраќај. Имаме решенија и за најтешките проблеми за отпадот, за ‘Дрисла’ и за Вардариште. Со професионално управување, современи технологии и европски стандарди, Скопје конечно да стане чист и одржлив град. Сакаме град без урбан хаос, со пешачки зони, велосипедски патеки и јавен превоз што функционира. Скопје каде што жените имаат поддршка, младите можности, децата забава и едукација, уметниците слобода, а претприемачите можности. Мојата визија се темели на знаење, чесност и паметно управување“,
изјави Шукова.
„Ќе се видиме во вториот круг“ – рече Шукова и на противкандидатите им порача сите заедно да придонесат недела да биде празник на демократијата, слободата на одлучувањето и почитувањето на волјата на граѓаните.