Вчера во одделно соопштение преку социјалните мрежи, СЗО на окупираната палестинска територија (СЗОоПт) информира дека ги зголемува испораките на медицински материјали до здравствените установи откако стапи во сила прекинот на огнот во Газа
Во меѓувреме Турција распореди десетици специјалисти за помош при катастрофи за да помогнат во потрагата по тела под купуштата урнатини во Газа
Светската здравствена организација (СЗО) денеска предупреди дека ситуацијата со заразни болести во Газа излегува од контрола, додека од 36 болници на територијата само 13 функционираат, и тоа само делумно, пренесуваат светските агенции.

Според регионалниот директор на здравствената организација на Обединетите нации (ОН), Ханан Балки, здравствените работници се соочуваат со огромни предизвици.
„Без разлика дали станува збор за менингитис… дијареја, респираторни заболување, зборуваме за огромен квантум на работа“,
изјавил тој за агенцијата Франс-прес во Каиро.
Вчера во одделно соопштение преку социјалните мрежи, СЗО на окупираната палестинска територија (СЗОоПт) информира дека ги зголемува испораките на медицински материјали до здравствените установи откако стапи во сила прекинот на огнот во Газа.
„Оваа недела, повеќе од 220 палети со основни лекови и медицински материјали беа испратени од нашиот јужен магацин за партнери кои ги поддржуваат болниците низ Газа. Благодарение на @eu_echo (Европски операции за цивилна заштита и хуманитарна помош) за нивната континуирана поддршка“,
напишаа од СЗОоПт на платформата Икс.
За голем број луѓе во Газа, иако прекинот на огнот меѓу Хамас и Израел донесе олеснување затоа што престанаа секојдневните бомбардирања од страна на израелските сили, патот до целосно закрепнување на Појасот засега се чини како невозможен поради големиот обем на уништување, објави АФП.
„Нема вода – нема чиста вода, дури ни солена вода, воопшто нема вода. Не постојат основни животни потреби – нема храна, нема пијалаци, ништо. Како што можете да видите, сè што се урнатини“,
изјавил за АФП, Мустафа Махрам, кој се вратил во Газа по прекинот на огнот.
Во меѓувреме Турција распореди десетици специјалисти за помош при катастрофи за да помогнат во потрагата по тела под купуштата урнатини во Газа откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера упати предупредување до Хамас поради низата убиства извршени неодамна во Појасот.
Агенцијата за цивилна одбрана на Газа проценува дека телата на околу 10 000 луѓе се наоѓаат под урнатините и срушените згради. Задачата што им претстои на спасувачите е огромна со оглед на процените дека на територијата има 60 милиони тони урнатини.
Трамп ги оцени убиствата како прекршување на договорот за прекин на огнот, кој беше постигнат на негова иницијатива, а според кој палестинската милитантна група беше обврзана да ги врати последни 20 преживеани заложници на Израел, како и телата на другите 28 заложници кои се почнати.
Хамас вели дека ги вратил телата на сите починати заложници што можеле да ги пронајдат бидејќи немаат информации за локациите каде тие се наоѓаат.
Милитантната група треба да ги врати телата на уште 19 заложници, кои сè уште се водат како исчезнати и за кои се верува дека се закопани под урнатините заедно со неброен број Палестинци.
Хамас соопшти дека е посветен во спроведувањето на обврските од договорот за прекин на огнот со Израел и дека сака да ги врати сите преостанати тела на заложници што останале во Газа. Но, како што вели во соопштението, процесот може да потрае некое време бидејќи некои од телата се смета дека се закопани во тунели уништени во двегодишната војна.

Турција испрати персонал од својата агенција за помош при катастрофи за да помогне во лоцирањето на телата, но семејствата на загинатите го критикуваа неуспехот на Хамас да ги предаде останките на нивните најблиски.
Главната група од кампањата што се залага за семејствата на заложниците вчера повторно го повика Израел „веднаш да го запре спроведувањето на сите понатамошни фази од договорот сè додека Хамас продолжува да ги крши своите обврски во врска со враќањето на сите заложници и останките на жртвите“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја потврди својата решеност да „обезбеди враќање на сите заложници“ откако неговиот министер за одбрана завчера предупреди дека Израел ќе продолжи со борбите ако Хамас не го стори тоа.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно повика на трпение во врска со враќањето на телата на починатите заложници велејќи дека Хамас всушност копа во потрага по останките на заложниците, но вчера тој изрази фрустрација од однесувањето на групата откако престанаа борбите со Израел.
„Ако Хамас продолжи да убива луѓе во Газа, што не беше договорено, нема да имаме друг избор освен да влеземе и да ги убиеме“,
рече Трамп на неговата социјална платформа Трут соушл (Truth Social) очигледно алудирајќи на неодамнешните пукања врз палестински цивили.
Хамас е обвинет дека врши егзекуции во Газа откако стапи во сила прекинот на огнот, а има и извештаи за судири меѓу различните безбедносни единици на групата и вооружените палестински кланови, од кои за некои се тврди дека имаат израелска поддршка, јавува АФП.
Инаку, во војната меѓу Израел и Хамас загинаа најмалку 67 967 луѓе во Газа. Оваа бројка е врз основа на податоците на Министерството за здравство на територијата управувано од Хамас, а кои Обединетите нации ги сметаат за веродостојни. Во извештаите не е експлицитно разграничено колку од убиените се цивили, а колку борци, но се укажува дека повеќе од половина од нив се жени и деца.
Нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 г., што беше повод за војната, резултира со смрт на 1 221 лице, претежно цивили, велат податоците на АФП засновани на израелски извештаи.