Во интервју за унгарското Радио Кошут, премиерот на Унгарија изјави дека мировниот самит би можел да се одржи во рок од две недели, а според него Унгарија е единствената земја каде што претседателите на САД и Русија можат да одржат преговори
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, објави дека разговарал со претседателот на САД, Доналд Трамп, по најавата дека наскоро во Будимпешта ќе одржи средба со својот руски колега Владимир Путин на која ќе се разговара за можностите за ставање крај на војната во Украина.

„Тукушто разговарав по телефон со претседателот Доналд Трамп. Подготовките за мировниот самит САД-Русија се во тек. Унгарија е остров на мирот!“,
вели Орбан во објава на Икс.
Тој претходно објави дека планираната средба меѓу Трамп и Путин е одлична вест за мирољубивите луѓе во светот.
Во интервју за унгарското Радио Кошут, Орбан изјави дека по разговорот со американскиот, денеска ќе разговара и со рускиот претседател. Рече дека мировниот самит би можел да се одржи во рок од две недели, а според него, Унгарија е единствената земја каде што претседателите на САД и Русија можат да одржат преговори.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека за време на телефонскиот разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин, е договорено наскоро да се сретнат во Будимпешта за, како што рече, да видат дали може да се заврши неславната војна меѓу Москва и Киев. Пред средбата во Будимпешта, како што посочи Трамп, средба ќе одржат нивните советници на високо ниво, а локацијата на состанокот ќе биде одредена дополнително.