Зборувајќи за предизборната кампања, Адеми нагласи дека коалицијата што ја предводи ДУИ – „Националната алијанса за интеграција“, настапила достоинствено, смирено и со конкретна понуда за граѓаните

Централниот штаб на ДУИ донел одлука да ги откаже сите изборни активности на лидерот на партијата Али Ахмети за в петок, потврдувајќи го неговото учество на севкупниот национален протест во Тирана, во поддршка на неговите соборци и основачи на Ослободителната војска на Косово (УЧК). Овој чин, како што информира денеска на прес-конференција потпретседателот на партијата Арбер Адеми, е акт на национална солидарност, но и „потсетник за оние што забораваат дека слободата и правата не се подаруваат“.
Тој се осврна и на предизборната кампања, нагласувајќи дека коалицијата што ја предводи ДУИ – „Националната алијанса за интеграција“, настапила достоинствено, смирено и со конкретна понуда за граѓаните.
„Не се занимававме со клевети, црни кампањи или манипулации. Зборувавме со јазикот на фактите, визијата и одговорноста. Нашата кампања ја изградивме врз довербата – не врз стравот. За жал, нашите противници ја избраа спротивната насока – патот на клеветите, фабрикувањата и темните сценарија. Наместо идеи, понудија лаги; наместо проекти, измислија скандали, наместо натпревар за развој, поттикнаа поделби. Од самиот почеток, самиот премиер изјави дека суштината на овие избори е исчезнувањето на ДУИ од политичката сцена, а потоа зборуваше и за политичко пензионирање на Али Ахмети. Тоа не е само политички речник, тоа е носталгија за време кога Албанците требаше да бидат под команда, а не рамноправни учесници во одлучувањето. Но тоа време заврши. Албанците никогаш веќе нема да бидат вазали на туѓа волја“,
порача Адеми.
Според него, постојат обиди во Кичево и во Бутел изборната трка да се претвори во етнички судир.
„Но тоа сценарио го знаеме добро. Кога не можат да победат со идеи – измислуваат, монтираат и шират дезинформации, надевајќи се дека граѓанинот ќе ја изгуби довербата. Но албанскиот граѓанин веќе не се измамува. Тој знае кој бил со него во тешките денови, а кој се сетил за него само пред избори. Денес, во оваа кампања, се раѓа нов завет – завет на надежта, достоинството и враќањето на довербата во силата на народот. Граѓани од сите слоеви, па дури и поранешни поддржувачи на ВЛЕН, ни се приклучуваат“,
рече Адеми.
Тој порача дека овие избори се референдум за враќање на достоинството, за еднаквост, напредок и правда.