Мемов го обвини градоначалникот дека, иако е одговорен за спречување и уривање на дивоградби, тој сега е „директен креатор и потенцијален извршител“ на незаконски активности

Движењето ЗНАМ – за Наша Македонија денеска ја обвини актуелната локална власт во Општина Центар, предводена од градоначалникот Герасимовски, за манипулација и самоволно кршење на урбанистичките планови во населбата Крњево.
На прес-конференција одржана на лице место во Крњево, Никола Мемов од ЗНАМ изјави дека градоначалникот се обидел „да продаде лажна приказна“ за уредување на просторот откако претходно изјавил оти дивата депонија целосно е расчистена.
Според Мемов, градоначалникот вчера објавил дека на расчистената локација ќе се изградат детско и спортско игралиште, зеленило и урбана опрема.
Но, од ЗНАМ тврдат дека ова е спротивно на Генералниот и Деталниот урбанистички план. Според ГУП, на локацијата е предвидена за изградба на булевар „Крушевска република“, а во ДУП делот е наменет за сообраќајна инфраструктура, а не за урбана опрема и игралишта.
„Фактите покажуваат сосема поинаква слика“,
рече Мемов додавајќи дека активностите се изведуваат без никаква транспарентност, со што се кршат законот и урбанистичките норми.
Мемов го обвини градоначалникот дека, иако е одговорен за спречување и уривање на дивоградби, тој сега е „директен креатор и потенцијален извршител“ на незаконски активности.
„Тоа што го гледаме денес не е пример за грижа кон жителите, туку пример за самоволие, злоупотреба, дивеење и грубо прекршување на правилата, потенцијално кривично дело“,
рече Мемов.
Од ЗНАМ упатија четири директни прашања до градоначалникот Герасимовски:
1. Зошто најавивте градежни активности на оваа локација, дали за истото има проект и обезбедена градежна дозвола?
2. Зошто го лажете населението тврдејќи дека ќе се гради детско и спортско игралиште, кога според плановите тука треба да има сообраќајна инфраструктура?
3. Кои механизми на транспарентност и јавна отчетност сте ги примениле пред да започнете со градежните активности?
4. Дали граѓаните треба да веруваат на вашиот PR, или на документите и плановите кои јасно го покажуваат незаконското постапување?
Од движењето ЗНАМ порачаа дека граѓаните на Центар ќе стават крај на „ваквото самоволие и празните ветувања“ на 19-ти октомври.